Прогласени се најдобрите песни од годинешниот поетски конкурс „Маџирмаалски поетски бранувања“. Поетскиот конкурс по четврти пат се реализира во рамките на традиционалната културна манифестација „Маџирмаалски средби“.
– Почитувајќи ги пропозициите на конкурсот, комисијата направи селекција на најдобрите песни и ја донесе следната одлука: првата награда ѝ се додели на Сузана Ѓоргиеска за песната „Читајќи го Данило Коцевски“. Двете придружни награди им се доделија на Будимирка Поповска, за песната „Маџирмаало, љубов моја“, и на Белинда Шипковска Гаштарова, за песната „Прашања без одговор“. На конкурсот пристигнаа задоволителен број квалитетни поетски дела. Од една страна во секоја од нив јасно е присутен мотивот на Маџир Маало, а од друга страна во песните се препознаваат посебни јазични и поетични елементи како индивидуални поетски обележја – вели Владимир Илиевски, претседател на комисијата.
Песната „Прашања без одговор“ на Белинда Шипковска Гаштарова, добитничка на една од придружните награди, е лично поетско соочување на минатото и сегашноста. Големиот број поставени прашања на поетот како да се завиени со велот на песимизмот. Сепак, нивната отвореност силно се спротивставува на овој првичен впечаток.
– За Будимирка Поповска, добитничката на другата придружна награда, Маџир Маало е „природна теорија на заговор“, која жестоко им се спротивставува на градот и на реката. Песната „Маџир Маало, љубов моја“ е креиран творечки лирски простор, во кој преку стиховите на авторот, минатото и сегашноста се гледаат попреку. Добитничката на првата награда Сузана Ѓоргиеска во својата песна „Читајќи го Данило Коцевски“, врз ритамот и стилот на народната лирика, гради специфична интертекстуална поетска конструкција – вели Илиевски.