Нова студија

Консумирањето вештачки засладувачи може да го зголеми ризикот од развој на рак, покажа големото француско истражување. Но некои научници што не биле вклучени во студијата тврдат дека нема доволно докази за да се променат сегашните здравствени препораки.

Милиони луѓе секојдневно консумираат засладувачи, во производи како диетални сокови, делумно за да избегнат да добијат вишок килограми поради внесувањето премногу шеќер. Но замената на шеќерот со вештачки засладувачи е контроверзна веќе некое време.

Дали вештачките засладувачи се здрави?

За да проценат дали засладувачите предизвикуваат рак, истражувачите во Франција ги анализирале податоците собрани меѓу повеќе од 100.000 испитаници. Како дел од истражувањето на француската интернет-страница „НутриНет-санте“, тие преку прашалник пријавиле како се хранат, каков начин на живот водат и навеле потенцијална медицинска историја на болести во интервалите од 2009 до 2021 година. Тие потоа ја споредиле поврзаноста на потрошувачката на засладувачи со ризикот од рак и разгледале други варијабли, како што се пушењето, лошата исхрана, возраста и физичката активност.

– Меѓу учесниците во студијата што консумирале засладувачи почесто од просекот, забележан е зголемен ризик од рак, 13 проценти поголем отколку кај оние што не ги консумирале – вели Матилде Тувие, истражувачки директор на францускиот институт ИНСЕРМ и водач на студијата.

Според истражувањето објавено во списанието „ПЛОС медисин“, поголем ризик од рак бил особено евидентен кај оние што консумирале аспартам и ацесулфам калиум, кои се користат во многу безалкохолни пијалаци. Соковите сочинуваат повеќе од половина од вкупната потрошувачка на вештачки засладувачи, додека засладувачите сочинуваат 29 проценти. Во студијата се наведува дека некои испитаници имаат поголем ризик за развој на рак на дојка и некои форми на рак поврзани со прекумерна тежина.

Тувие вели дека не може целосно да се исклучи субјективноста при пополнувањето на прашалникот, што е поврзано со начинот на живот на потрошувачите, и повика на дополнителни истражувања, кои би можеле да ги потврдат досегашните резултати.
Од друга страна, од Американскиот национален институт за рак и британските истражувачи за рак велат дека засладувачите не предизвикуваат рак, додавајќи дека тие се одобрени за употреба од Европската управа за безбедност на храната.

Сите засладувачи не се исти

– Поврзаноста на вештачките засладувачи со ризикот од рак е контроверзно прашање од 1970-тите години, кога засладувачот цикламат беше забранет за употреба поради неговата поврзаност со ракот на мочниот меур кај глувците, иако таква поврзаност не е забележана кај луѓето – вели Џејмс Браун, биомедицински експерт од британскиот универзитет „Астон“.

Браун, кој не учествуваше во студијата, за АФП изјави дека таа е добро обмислена и реализирана и дека е спроведена на „импресивно“ голем примерок од испитаници. Сепак, тој додава дека не верува оти истражувањето вклучува доволно докази поради кои британската национална здравствена служба би ги променила своите претходни препораки.

Мајкл Џонс од Институтот за истражување на ракот во Лондон смета дека поврзаноста прикажана во студијата не имплицира причинско-последична врска и дека не е доказ дека вештачките засладувачи предизвикуваат рак.

Имено, според истражувањето на „НутриНет-санте“ од 2019 година, откриено беше дека тие се поврзани и со поголем ризик од развој на неколку вида рак.
– Сите засладувачи не се исти. На пример, засладувачите на база на стевиа покажаа здравствени придобивки. Ако користите квалитетен вештачки засладувач како замена за шеќер, тоа ќе ви помогне да изгубите тежина – истакнува Браун.