Кичевскиот оџачар замина на заслужен одмор

684

По деветмесечна интензивна работа

По деветмесечна интензивна работа, кичевскиот оџачар Џули Рахмани, со завршувањето на грејната сезона, завршува и со секојдневните обврски, да крстосува низ градот и селата и да ги чисти оџаците на домаќинствата.
Како што вели самиот, конечно, и за него дојде време малку да се одмори и да собере сили за новата сезона.

Цела деценија се грижам моите сограѓани да имаат чисти оџаци и топли домови. Најголемиот дел од работата е во периодот од септември до март, кога имам секојдневно работа, а се случува некои денови да бидам ангажиран и во повеќе села. Независно дали времето е студено или топло, снежно или дождливо, јас морам да ја завршам работата за да продолжат семејствата да уживаат во топли и удобни домови – вели кичевскиот оџачар.

Тој, иако со ситна става, сепак е храбар човек, бидејќи уште од многу млад почнал да ја работи оваа работа, а веќе цела деценија активно чисти оџаци.
Бидејќи мојата работа зависи од состојбата со оџаците, се случува во еден ден да добијам и дваесетина повици, а во еден ден вкупно сум исчистил најмногу 11 оџаци кон крајот на минатата година – нагласи Рахмани.

Тој посочи дека неговата работа е поврзана и со многу опасности.
Во мојата професија постојат и одредени ризици од пролизгување по стрмните покриви и лизгавоста што ја предизвикуваат снегот и мразот. Но барем досега ме чувал господ, не сум имал некој посериозен инцидент, а никогаш сум немал проблем со висината на објектот каде што се качувам, бидејќи искуството ми вели дека концентрацијата е поважна од сѐ и затоа и искачувањето на деветкатницата во Кичево не ми претставува посериозен ризик – додава тој.

Поради паѓањето на животниот стандард, цените се повисоки од лани и за еден оџак се наплатува од 350 до 500 денари, а можеби наесен ќе има нова повисока тарифа.
Рахмани им препорачува на своите сограѓани редовно да ги чистат оџаците ако сакаат да имаат подобро согорување на дрвата и потопли домови.

Најдобро е во просториите каде што најмногу се ложи, оџаците да се чистат секоја година, бидејќи од саѓите се создава емулзија, која предизвикува самозапалување на оџаците и чести пожари, што не мал број пати се случува и во нашиот град и, наместо да имаат мирна глава, треба да се соочуваат со овој ризик – ни рече оџачарот Џули Рахмани.

З.А.