Kолкава е цената на предавствата?

502

Пишува: Блаже Миневски

Предавството на татковината е крај на секоја среќа, вели една стара изрека. Предавајќи ја родината, се предаваат и соништата на предците, на семејството, на потомците. Македонија и Македонците се соочувале со овој феномен низ историјата до денес. И кај нас има низа драстични примери за предавства, кои дури ги обележуваат националната историја и нејзиниот тек, со лузни што сѐ уште не се залечени, а кои дури даваат колективна стигма на целата македонска нација. На пример, македонски синоним за предавник и платеник е Коте од Рулја, кој добил 50 лири од владиката Каравангелис за главата на Лазар Поп Трајков. Колку е платено за предавството на лигушевци за ликвидација нa војводата Ѓорѓи Сугарев и неговата чета кај Паралово?

Во македонската народна меморија досега се зачувани многу сведоштва за предавства, а меѓу нив еден од најпознатите предавници и платеници, секако, е Коте од Рулја, човекот што денес има свој споменик направен од Грците во родното село Рулја во Егејска Македонија. Во негова чест, селото Рулја денес е прекрстено во Котас. Предавникот Коте пред повеќе од еден век за своите антимакедонски услуги добивал по 10 лири месечна плата, стипендија за школување на синовите во Атина и разни други привилегии. Освен тоа, во 1903 година добил 50 лири екстра премија за главата на костурскиот војвода Лазар Поп Трајков. Иако сите Македонци би требало да знаат кој е Лазар Поп Трајков, сепак да потсетиме дека станува збор за македонски револуционер од Д’мбени, организатор на првите револуционерни комитети во тој дел на Македонија, а подоцна, во Илинденското востание, член на Костурското горско началство. Како војвода учествувал на Смилевскиот конгрес, каде што бил избран за заменик-член на Главниот востанички штаб. Активно учествува во Илинденското востание во Костурско, Прилепско и во Мариово. Во септември 1903 година, во борбата кај мариовското село Чаништа, каде што е остварена голема победа на македонските востаници над турскиот аскер, бил тешко ранет и засолнет на лекување, но само неколку дена подоцна бил подмолно убиен од грчкиот платеник Коте од Рулја. Главата на Лазар Поп Трајков три дена висела пред вратата на уќуматот во Костур. Ја донел лично предавникот, платеникот Коте! За убиството, за главата на војвода Поп Трајков, предавникот добил 50 турски лири од костурскиот владика Каравангелис! Кој е всушност платеникот Константин Христов Саров или Саровски, наречен Коте, попознат како Коте од Рулја?

Коте работел за Каравангелис за 10 лири плата!

Предавникот Коте од Рулја

Според достапните историски факти, Македонецот Коте бил деец на Македонската револуционерна организација, а по засилувањето на грчката вооружена пропаганда, го свиткал ’рбетот и застанал на страната на грчката кауза, учествувајќи во таканаречената „Борба за Македонија“ како андартски капетан. Како „патриотот“ Коте од ајдук и македонски револуционер станал предавник и грчки платеник? Во 1899 година, по извесен ајдутски стаж во чета што се занимавала со ситни кражби и убиства на бегови, откако излегол од затвор, стапил во контакт со Павел Христов и Лазар Поп Трајков, раководители на Македонската револуционерна организација во Костурско. Тие во согласност со политиката на организацијата го поканиле да се потчини на нејзините принципи и да учествува во македонското револуционерно движење. По влегувањето во организацијата, Коте предводел чета што била формирана во мај 1900 година, но набргу пак се одметнал и почнал да ги обиколува селата како арамија. Бидејќи организацијата не можела долго да ја толерира ваквата дејност на Коте, тој бил осуден на смрт, и во октомври 1900 година бил извршен обид за ликвидација. По овој неуспешен обид за ликвидација, Коте стапил во контакт со костурскиот патријаршиски митрополит Германос Каравангелис.
На средбата со Коте, митрополитот Каравангелис истакнал: „Вие сте Грци уште од времето на Александар Велики, но поминаа Словените и ве словенизираа.
Вашиот изглед е грчки и земјата што ја газиме е грчка. За тоа сведочат и спомениците што се скриени во неа, и тие се грчки, и монетите што ги наоѓаме се грчки, и натписите се грчки… Затоа, од денес, ти ќе бидеш со нас, ќе бидеш прв човек. Ќе те испратам долу да ги запознаеш грчките цареви, а твоите деца ќе ги испратам да учат во Грција“.

Во документите откриени во архивата на Каравангелис стои дека Коте ги прифатил барањата на митрополитот, а за возврат од него добивал плата од 10 лири и стипендија за двата сина што ги испратил на школување во Атина, каде што ги примил Павлос Малас. Но и покрај договорот, Коте сѐ уште не застанал отворено на страната на грчката пропаганда, продолжувајќи ја својата дејност во Македонската револуционерна организација.

„Гоце Делчев му дал шанса да се поправи!“

Во почетокот на 1902 година, морал да се појави пред револуционерниот суд на организацијата во селото Кономлади, каде што бил осуден на смрт, но Гоце Делчев го помилувал, односно добил аболиција откако ветил дека ќе се поправи. И покрај помилувањето, Коте продолжил со својата предавничка дејност и, во август 1902 година, повторно е направен обид за негова ликвидација во селото Ошчима. Повторно обидот бил неуспешен, но во текот на нападот бил заробен неговиот соработник Геле Трсијански, кој исто така бил соработник на Каравангелис. Платеникот Геле не добил аболиција – бил ликвидиран во шумата на неговото родно село Трсје, а следниот ден истата судбина ја снашла и неговата сопруга од која биле одземени 20 лири, пари што Геле ги собирал од селаните. Според историчарот д-р Димитар Љоровски, следниот ден, кога Каравангелис дознал за судбината на својот соработник, „потресен и надвор од себе“, испратил телеграма до патријаршијата со своја оставка, но оставката, се разбира, била одбиена. Кон крајот на август 1902 година во Костурско пристигнал врховистот Атанас Јанков со својата придружба, настојувајќи да предизвика востание во Македонија. Јанков, откако не успеал да се договори со раководителите на Македонската револуционерна организација, се поврзал со Коте и заедно почнале да коваат планови за напад на Лерин. Меѓутоа, таквите планови на Јанков и на Коте биле без реална основа, бидејќи немале доволно сили за да ги спроведат. Контактите на Коте со грчката пропаганда, како и здружувањето со полковникот Јанков, довеле до тоа во април 1903 година, костурското раководство, под притисок на Пандо Кљашов и Васил Чакаларов, да ја потврди смртната пресуда на Коте, иако Даме Груев и Лазар Поп Трајков (?!) се спротивставиле на таквата одлука, односно барале нова аболиција за него. И, за несреќа, пресудата повторно не била извршена затоа што тешко се доаѓало до сознанија за неговото движење на теренот.

Во текот на Илинденското востание, војводата Лазар Поп Трајков, со одред од 600 души, се сретнал со Коте и можел да го ликвидира, односно да ја изврши смртната пресуда, но тој повторно му ги простил грешките и го ангажирал во востаничките борби. Неколку месеци подоцна, по задушување на востанието, војводата Лазар Поп Трајков, како тешко ранет во битка со Турците, засолниште побарал во базата на Коте со кого веќе се смирил за време на востанието. И не само што се смирил туку му ја укинал смртната пресуда, односно му подарил живот. Бидејќи Коте веќе одлучил засекогаш да премине на грчката страна, решил да им ја потврди својата лојалност на Грците на монструозен начин! Како платеник на Каравангелис, наместо да му помогне на својот добротвор затоа што му го спасил животот за време на Илинденското востание, ладнокрвно му ја отсекол главата и ја однел во Костур, кај владиката.

Стоејќи наведнат со свиткан ’рбет, но со испружена рака пред Каравангелис, успеал да добие 50 турски лири за ликвидацијата на Лазар Поп Трајков. Како одмазда за овој грозоморен чин, Македонската револуционерна организација ги ликвидирала таткото и братот на Коте во селото Брзеница. По овие убиства Коте се засолнил во Атина кај своите синови, кои таму учеле со стипендии обезбедени од митрополит Каравангелис.

Во март 1904 година се вратил во Македонија заедно со Павел Киров од Желево. Двајца отпадници, со неколку души од влашкото село Писодер, формирале база на грчката пропаганда по течението на Рупелска Река. Самиот Коте лично ја пречекал првата андарска грчка чета на чело со Павлос Мелас. По доаѓањето на оваа чета, Коте започнал со гонење на дејците од Македонското револуционерно движење. На 4 мај 1904 година ги ликвидирал учителот Георги Трајков од Трново, жената на свештеникот Трпо Поповски и тетката на Васил Чакаларов. Триесетина дена подоцна, под притисок на англискиот конзул во Солун, Хилми-паша издал наредба за фаќање на Коте, и тој од страна на аскерот бил опколен на 9 јуни 1904 година во своето родно село Рулја.

Македонскиот крвник се предал без да дава отпор. Веднаш бил однесен во Битола, бил осуден како разбојник и во септември 1905 година бил обесен на Атпазар. Тоа е првата верзија. Втората верзија вели дека тој бил предаден од митрополитот Германос Каравангелис, оној што го плаќал да работи против Македонија, затоа што одбил да го зароби Митре Влаот, и затоа што се колебал во дејствувањето, па постоела можност повторно да се врати во редовите на Македонското револуционерно движење. Во грчката дипломатска документација постои записник во кој Хилми-паша пред грчкиот конзул Димитриос Калергис истакнал дека Каравангелис е заслужен за заробувањето и ликвидацијата на Коте. По Балканските војни окупаторските грчки власти селото на Коте го преименувале од Рулја во Котас, неговата куќа била претворена во музеј, а во селото подоцна бил подигнат и монументален споменик со натпис „Пионир на македонската борба“.

Ете, тоа е приближно краткиот опис на дејствувањето на Коте од Рулја, синоним за македонски платеник и предавник, а всушност само една епизода од македонската предавничка и платеничка трагедија.


Каравангелис имал посебен фонд за плаќање дојавувачи!

Во британски и турски дипломатски извештаи, но и во белешки што ги правел самиот во својот „тефтер за работа на теренот“, постојат податоци дека владиката Каравангелис имал посебен фонд за плаќање на своите соработници и дојавувачи, а највисока цена меѓу нив имал Коте од Рулја. Сепак, македонските предавници не добивале пари само од Каравангелис. Според повеќе извори што ги наведува Ангел Динев, во почетокот на пролетта 1906 година Ѓорѓи Сугарев добива писмо од секретарот на Окружниот комитет во Битола, Петар Лигушев, кое, всушност, е добро подготвено и скапо платено сценарио за ликвидирање легендарниот битолски војвода. Во спомените на Динев стои дека линијата на предавството на Сугарев тргнува од Софија, а Лигушев, со парите што ги добива за услугите како предавник, не само што живее на „висока нога’ туку ја финансира и својата разгранета мрежа на дојавувачи и соработници. Борбата на 23 март 1906 траела три часа, а потоа настапила гробна тишина, всушност сите 28 комити заедно со својот војвода го завршуваат својот живот во заседата подготвена од македонските лигушевци. Еден од убијците дури и го ограбил војводата Сугарев, му ги зел џебниот часовник и синџирчето. Во основата на предавството е стравот на лигушевци за организационите пари што ги потрошиле за лични намени а за кои Сугарев барал отчет. Барањето отчет за примените и потрошени организациски пари предизвикало отпор кај некои од членовите на организацијата во Битолско задолжени за финансиите. Не сакајќи да поднесат точни податоци, односно кој од кого, кога и колку пари прибрал и на кого му ги предал, „револуционерите“, кои се интересирале само за парите на состанокот што го закажал Сугарев, наместо да се покаат започнале со директни напади врз човекот што не можел да ја трпи нечесноста. Со ваквото отвореното истапување против проневерителите на организациски пари, како и со сѐ поотворените и почести негови критики на луѓето од Окружниот комитет во Битола, Сугарев веќе станал мошне опасен и незгоден за Лигушев и неговите ментори, па затоа била подготвена предавничка стапица: обраќајќи му се со писмо пролетта 1906 година, побарал да заминат во Мариово за наводно да се борат против некаква грчка пропагандна чета. Веднаш потоа лигушевци го известуваат битолскиот валија, кој презел натамошни мерки за ликвидирање на Сугарев и неговата чета. Документите потврдуваат организатори на ликвидацијата биле лигушевци, платените, однародени соборци на Сугарев, а османлиската војска и албанскиот башибозук биле само егзекутори.