Хрватските весници на автентичен начин пишуваат за македонската кауза

Во архивите на балканските држави постојат голем број документи и историски извори што објективно ја презентираат македонската историја. Во архивите на Република Хрватска се чуваат голем број весници што автентично ја информирале пошироката јавност за Македонија и македонскиот народ во првите децении на 20 век. „Нова Македонија“ пронајде неколку статии што биле објавени во хрватските весници, а споменатите натписи првпат се објавуваат како факсимили на страниците на „Нова Македонија“

Од нашите истражувања низ архивите на балканските весници за Македонија и Македонците

Во архивите на Република Хрватска се чуваат голем број весници што автентично ја информирале пошироката јавност за Македонија и македонскиот народ во првите децении на 20 век. „Нова Македонија“ пронајде неколку статии што биле објавени во хрватските весници, а споменатите натписи првпат се објавуваат како факсимили на страниците на „Нова Македонија“.

Македонците се бореле за независна држава Македонија

На 2 октомври 1924 година, „Народен пријател“ објавува статија во која се вели дека премиерот Александар Цанков во Бугарија ја освоил власта со „помош на македонската револуционерна организација“. Во понатамошното образложение се вели дека македонските револуционери и покрај тоа што му биле десна рака на Цанков и добивале помош од неговата влада, се противеле Македонија да стане бугарска провинција и секогаш на македонското прашање гледале како „на одделно прашање, а не како на прашање на бугарската држава.“
Според „Народен пријател“, тоа довело до судир помеѓу бугарските министри и македонските револуционери, Цанков со војската и Александров со вооружените чети. Споменатиот весник заклучува дека македонската револуционерна организација во Бугарија се оформила како посебна сила, која за сѐ самостојно одлучува – „станала држава во држава.“ „Народен пријател“ соопштува и за судирот помеѓу македонските револуционери. Според весникот, во Бугарија постоеле две македонски групации што се бореле за превласт. Едната се залагала Бугарија и Македонија да се здружат со Југославија како сојузна држава, а другите за балканска револуција и „независна држава Македонија“ (Pučki prijatelj (Krk), 2. listopada 1924).

Соработката помеѓу Македонците и Хрватите

„Лички Хрват“, гласило на Хрватската републиканска селанска партија, на 3 јуни 1924 година информира за обвинението против хрватскиот политичар Степан Радиќ. Меѓу другото, според пишувањето на споменатиот весник, Радиќ работел против интересите на државата и соработувал со Тодор Александров. Според „Лички Хрват“, Александров испратил писмо до Радиќ во кое било посочено дека е потребна размена на мислења преку Александар Протогеров со претставниците на Хрватите, со цел спроведување заедничка акција преку легални или нелегални средства. Хрватскиот весник информира дека претставник на „револуционерниот македонски комитет“ пристигнал во Загреб за преговори со Радиќ, но бидејќи Радиќ не бил во Загреб преговорите биле водени со Влатко Мачек и други Хрвати што се согласиле за револуционерна акција и вооружување преку Австрија и Унгарија (Lički Hrvat (Gospić), 3. srpnja 1924).
Весникот „Сушачки нов лист“, на 25 март 1925 година информира за работата на југословенското народно собрание, односно за обвиненијата против југословенската опозиција дека соработувала со Тодор Александров и македонските револуционери. Според владините пратеници, македонскиот комитет вршел притисок врз гласачите во полза на опозицијата во текот на изборите во Брегалничкиот округ, а опозицијата агитирала за автономија на Македонија. Обвиненијата биле отфрлени од Димитријевиќ, според кого, опозицијата агитирала за „покраинска самоуправа на Македонија“ во единствената југословенска држава, како и за намалување на даноците (Sušački novi list, 25. ožujka 1925).

Убиството на Тодор Паница

На 14 мај 1925 година, „Сушачки нов лист“ ја соопштува веста за убиството на Тодор Паница. Според пишувањата на весникот, Паница бил еден од најпознатите личности од револуционерното движење на балканските народи. „Сушачки нов лист“ образложува дека Паница припаѓал на т.н. федералисти и како член на револуционерниот комитет настојувал со другите, особено со Сандански, да го намали влијанието на бугарскиот двор врз македонското револуционерно движење. Во понатамошната биографија за Паница, весникот наведува дека тој ги ликвидирал Борис Сарафов и Иван Гарванов, но и покрај тоа со комитетот завладеале приврзаниците на бугарскиот двор. Во понатамошниот дел од статијата можеме да прочитаме дека Паница го поддржувал бугарскиот премиер Александар Стамболиски, но по државниот удар и убиството на бугарскиот премиер, Паница избегал во Виена. Според „Сушачки нов лист“, тој бил убиен од „фанатизирана Македонка“ што била во служба на Кобург и војничката лига (Sušački novi list, 14. svibnja 1925).