ТЕНЗИИТЕ ОКОЛУ УКРАИНА И РЕФЛЕКСИИТЕ ВРЗ СНАБДУВАЊЕТО СО РУСКИ ГАС НА ЕВРОПА

Доколку Русија целосно го прекине извозот на гас, Европската Унија ќе мора да го зголеми увозот на течен природен гас (ЛНГ) и да воведе итни мерки за намалување на побарувачката, како што е затворање фабрики, за да се спречи сериозниот недостиг. ЕУ би можела да излезе накрај со краткорочни прекини во испораките на руски гас, но би претрпела тешки последици по економијата, велат упатените. Ескалацијата на тензиите во Европа ја зголеми загриженоста за испораките на руски гас на Стариот Континент, што ги поттикна Европската комисија и САД да бараат алтернативни опции за снабдување.
Од Владата на Северна Македонија предупредуваат дека македонското стопанство може да настрада ако се реализираат црните сценарија, Русија поради кризата со Украина да ја стопира испораката на гас кон Европа. Оттаму велат дека земјава набавува природен гас од руски „Газпром“, а прекинот на испораката ќе значи удар врз дел од големите компании во земјава и тие ќе мора да го префрлат производството на друг енергент, како мазутот, кој, пак, е штетен за животната средина.
– За жал, евентуалното стопирање на гасот ќе влијае врз стопанството. Но будно ги следиме состојбите и најверојатно сите заедно со стопанството ќе треба да мислиме кои се алтернативите – посочи вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Според професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, улогата на природниот гас од Русија има клучно значење во енергетскиот сектор во Европа, што значи и во Европската Унија, а и во земјите од Централна и Источна Европа.
– Руското влијание во овој сектор дополнително ќе се зголеми со евентуалното воведување во употреба на гасоводот „Северен тек 2“. Меѓутоа, прашањето е кои се алтернативите? Земјите од западниот дел на Европа сами се виновни што со своите зелени, т.е. незрели енергетски политики го доведоа енергетскиот сектор во актуелнава состојба – вели Филкоски.
Како што додава тој, проектот „Северен тек 2“ реално, а не теоретски, ќе го ублажи евентуалниот иден недостиг од енергија, додавајќи дека тоа не би ја направило ЕУ многу поранлива, во споредба со актуелното искуство со дивеењето на цените во енергетскиот сектор.

– Не гледам што е спорно во тоа што „Газпром“ бара да се воспостават долгорочни стабилни договори за снабдување со природен гас. Тоа воопшто не е некаква новост или преседан. Јапонија има такви долгорочни договори за снабдување со енергетски ресурси (гас, јаглен, нафта) со земји како Индонезија и Австралија, а преговара и со Русија. Секој сериозен стопанственик ќе потврди дека за неговата компанија е добро да има јасни долгорочни правила на игра, вклучувајќи го и прашањето за снабдување со енергија. Доколку трошоците за енергија во неговиот производ учествуваат со, да речеме, 20 отсто, јасно е дека тој ќе сака на подолг рок да има стабилна цена на енергентите – истакнува Филкоски.
Од друга страна, како што укажува тој, според достапните информации, „Газпром“ целосно ги исполнува своите договорни обврски кон западните партнери. На пример, пред извесен период тие заокружија доставени 50,2 милијарди кубни метри гас за Германија, што изнесува околу 5,3 милијарди кубни метри повеќе од минатата година.

– Сметам дека дел од проблемот произлегува од (условно речено) идејата на бирократите од ЕУ, со енергијата, вклучувајќи го и природниот гас, да се работи чисто берзански, речиси на дневна основа. Дополнително, би рекол дека ЕУ е ранлива и поради мешање на надворешни влијателни фактори, кои можеби би сакале на тој голем пазар да се појават како важни енергетски играчи, но во нормални околности цената на нивниот производ и други фактори не им одат во прилог. Тие, секако, би сакале да покажат дека гасно гориво произведено со релативно скапа постапка некаде преку океанот, па втечнето и превезено со специјални танкери е конкурентно со природниот гас од Русија, Азербејџан и други земји – објаснува Филкоски.
Тој споменува дека во Македонија повеќе од две децении користењето природен гас е претежно на ниско ниво и дека состојбата со степенот на искористеност на гасот донекаде постепено се променила со вклучување неколку поголеми капацитети, а особено пред неколку години, кога започна редовно да работи ТЕ-ТО.
– За сето тоа време, не можам да си припомнам на некакви притисоци или негативни влијанија, освен повик во неколку ситуации за поголемо користење, со што и цената за потрошувачите би станала поприфатлива. Во поглед на диверзификацијата на снабдувањето со гас, веројатно ќе беше добро пред извесно време да влезевме во проектот најавен како јужен или турски тек, но некој го попречи тоа. Одредена можност, односно реална алтернатива е учеството во проектот за терминал за втечнет гас во Александруполис и придружна гасоводна линија кон Македонија, но прашање е под какви услови и по која цена – укажува професорот.
Според него, тешко е да се очекува дека гас произведен со специфична постапка на другата страна од океанот, па потоа подложен на втечнување, со вклучени трошоци за транспорт и сѐ друго, би бил поевтин од природен гас доставен преку гасовод.

– Тензиите меѓу Русија и Украина може да значат дека нестабилноста на природен гас во Европа најверојатно нема да избледи, затоа што веројатно на одредени влијателни центри на моќ им одговара нестабилност во тој регион. Тоа во никој случај не ѝ оди во прилог на Европската Унија, ниту на Русија, а најмалку на Украина. Нашите околности, па и интереси, мислам интересите на Македонија, не се идентични со тие на ЕУ, но ние трпиме колатерални последици и секако дека постои одреден ризик за нормалното снабдување со природен гас – појаснува Филкоски.
Како што вели тој, тука само може да се надеваме дека ќе надвладее разумот и дека алчноста ќе биде потисната. Сепак, наспроти таквите темни претпоставки, преовладуваат процените дека со пролетните месеци ќе дојде до одредена релаксација во енергетскиот сектор, а во тие рамки и во делот на снабдување со природен гас.
Универзитетскиот професор Костадин Димитров укажува дека Македонија има пристап до природен гас, но неговиот капацитет сѐ уште не се искористува целосно, а на новиот приклучок се гледа повеќе како на политичко поентирање.
– Ние имаме гас, но немаме потрошувачка. Имаме гасовод што може да пренесува 800 милиони кубни метри, а годишно трошиме помалку од 400 милиони кубни метри. Ако имаме втора врска, втор приклучок на нов гасовод, прашање е дали тој ќе биде поевтин, но факт е дека е добро да има конкуренција и да имаме два извора. Во игра се големи пари и станува збор за стратегиска, голема игра. Притисокот е пред сѐ политички – смета Димитров.