Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кога станува збор за принципиелноста на Унијата во однос на прашањето за проширувањето, токму земјите-членки (квалификувани како „проблематични“, според Брисел) се оние што се на линијата на одржување на ветувањата за проширување. Додека водечките земји-членки, како Франција и Германија (па и Холандија и Данска), калкулираат, а често и манипулираат со политиката на проширувањето. Земјите-членки што Брисел сака да ги дисциплинира (Полска, Унгарија, Чешка, Словачка), кои дури принципиелно влегуваат во конфликт со Брисел, поради некои наметнувани инструкции од центарот на Унијата што директно го загрозуваат нивниот национален суверенитет, никогаш не отстапиле по однос на прашањето за поддршка за земјите од Западен Балкан побрзо да станат дел од Унијата

Брисел со различни критериуми кон своите членки за спроведување одредени европски политики

Комплексноста на односите меѓу Македонија и Европската Унија се претвора во сѐ поголем јазол низ годиниве. По секое вето за почеток на македонските преговори за членство во Унијата, се раѓаат сѐ повеќе причини за преиспитување на посветеноста на ЕУ спрема сопствените базични принципи и критериуми. Ние, како Македонија, се разбира дека аргументите за таа „принципиелност“ на Унијата најмногу ги чувствуваме токму во контекстот на релацијата земји-кандидати за членство во ЕУ. Но феноменот на различни критериуми и (не)принципиелноста на Брисел, недвосмислено го чувствуваат и одредени земји што се членки на ЕУ, како Полска, Чешка, Словачка. Имено, и внатре во Унијата сѐ повеќе се чувствуваат контрадикторности на релациите што ги воспоставува и наметнува Брисел над дел од земјите-членки. Во одредени ситуации дури високи претставници на Брисел ги квалификуваат овие земји како „проблематични“.

Различна „принципиелност“ на ЕУ спрема некои свои земји-членки

Во практикувањето на принципиелноста на Брисел со земјите-членки, претежно со земјите од поранешниот Источен блок (т.н. посткомунистички), во последниве години е забележлива симптоматичната контрадикторност во барањата и очекувањата на ЕУ од земји како Полска, Унгарија и Чешка во однос на почитување на приматот на правото Унијата пред националното законодавство. Но зошто пак различен критериум на Брисел спрема Софија? Очигледна е толерантноста спрема Бугарија, која сериозно ги нарушува темелните принципи на европското право и законодавство (и тоа не само на примерот на Македонија).
Додека, на пример Полска, која обидувајќи се принципиелно да го зачува својот темелен интегритет во рамките на Унијата, Варшава е речиси хронично под закана за санкции од Брисел, заради некакви наметнувани инструкции од ЕУ, (на пример поради реформите што ги презема во своето правосудство, за кои Унијата смета дека не се во согласност со европското право и законодавство). Од друга страна, исто така споредбено со пример за Бугарија, Брисел речиси игнорира 16-те пресуди на Европскиот суд за човекови права против Бугарија и нејзиното непризнавање на македонското малцинство во Бугарија!? Од Брисел, демек, постојано се упатуваат критики (и најави за санкции) кон „инкриминираните“ земји-членки за нивната антимигрантска политика, а се чини дека европските бирократи немаат намера да упатат збор критика за нерационалните и цивилизациски навредливите уцени на Бугарија за да изнуди признание од Македонија и Македонците за некакви „бугарски корени“ на македонската нација.
– Состојбите во ЕУ се доведени дотаму што веќе не можеме да зборуваме за принципи, туку само за реалполитика. ЕУ едноставно нема идеја како да продолжи со своето функционирање и се чини дека секое повикување на принципите завршува со притисокот на реалполитиката. Дури и секое повишување на тонот спрема Полска и Унгарија завршува „нерешено“ со статус кво. Сѐ позабележливо е дека и самата ЕУ не е веќе толку популарна меѓу граѓаните на земјите-членки. Причините за непопуларноста се од сосема поинаков карактер, (не)справувањето со пандемијата, растечката нееднаквост меѓу граѓаните, растечката миграција што ја менува културата во одредени земји-членки, стагнацијата на платите…, но жртвата на таквото незадоволство е политиката на проширувањето. Таквите состојби и политиката на консензус во одлуките за проширување на ЕУ ги искористија претходно Грција, а сега и Бугарија за да ги наметнат своите билатерални проблеми со Македонија, како проблеми на Унијата – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.

Зошто таков однос на ЕУ спрема земјите-кандидати

Фактот дека нерешените внатрешни прашања во ЕУ се одразуваат во нејзините односи со земјите надвор од Унијата, а особено во недефинираниот однос со земјите-кандидати од Западен Балкан, сѐ повеќе укажува на лицемерност, која за Македонија претставува и сериозна закана за нејзината државност.
– Сѐ позагрижувачки е што и претставниците на земјите-членки на ЕУ сѐ поотворено изразуваат ставови што сигнализираат дека и тие самите не веруваат во правото и принципите на Унијата, туку се склони работите да ги решаваат според условите на геополитиката. Суштински за земјите од Западен Балкан е ЕУ да биде искрена со нив колку навистина е заинтересирана тие да станат дел од ЕУ. Србија и Црна Гора речиси десетина години преговараат за членство во Унијата без значителен напредок, а македонските евроинтеграции се доведени во особен апсурд. Апсурдот започнува од тоа што Македонија ги започна евроинтеграциите година-две откако Србија беше бомбардирана од НАТО, а Црна Гора не беше ни самостојна држава. Забележливо во однос на Македонија е дека земјите што имаа отворени прашања, како Грција и Бугарија, продолжуваат да ја злоупотребуваат ЕУ за остварување на своите апсурдно нерационални интереси, а ЕУ се прави дека не го гледа тоа. Македонија е доведена во состојба на патот до ЕУ да ја изгуби државноста – вели политичкиот аналитичар и познавач на процесите во ЕУ Владимир Божиновски.
Во контекст на односот на ЕУ спрема земјите-кандидати, Ивица Боцевски смета дека ЕУ има сосема различен однос со секоја од нив, но заедничко е тоа што како критериуми поставува прашања и теми што немаат врска со европското АКИ.
– Ниту условите на Грција, ниту сега на Бугарија, за отворање на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, немаа(т) врска со критериумите на ЕУ за проширување, но Унијата и понатаму дозволува овие земји да ја користат како продолжен механизам за остварување на нивните интереси – констатира Ивица Боцевски.

„Проблематичните“ ЕУ-членки ја одржуваат принципиелноста на Унијата

Навидум иронично, но се чини дека кога станува збор за принципиелноста на Унијата во однос на проширувањето, токму нејзините „проблематични“ земји-членки се оние што се на линијата на одржување на ветувањата дадени од Брисел. Додека водечките земји-членки, како Франција и Германија (па и Холандија и Данска), калкулираат, а често и манипулираат со политиката на проширувањето, земјите-членки што Брисел сака да ги дисциплинира (Полска, Унгарија, Чешка, Словачка) никогаш не отстапиле од поддршката за земјите од Западен Балкан побрзо да станат дел од Унијата. Дури и во ситуацијата на првото вето од Бугарија за Македонија, на самитот на ЕУ под германско претседателство во декември 2020, токму Чешка и Словачка не дозволија во заклучоците за проширување да влезат бугарските барања нејзиното гледање на историјата да биде услов за преговорите (пред сѐ за Македонија) за членство во Унијата. Со таквата интервенција, Чешка и Словачка на своевиден начин не дозволија ЕУ да ги прекрши сопствените принципи за самоопределување и самоименување на народите и државите.
– Во принцип, сите посткомунистички земји-членки на Унијата (секако, освен Бугарија) го поддржуваат проширувањето со земјите од Западниот Балкан. Важна е таа поддршка за Македонија, но реално тоа не се земјите што ја кројат политиката на ЕУ. Во превирањата на ЕУ меѓу сопствените принципи и реалполитиката, Македонија треба да биде прагматична и да го гледа сопствениот интерес. Реално, ние сме веќе дел од европскиот пазар и треба да работиме да го искористиме тој момент, без да влегуваме во понатамошни преговарачки авантури во насока што би значела целосно национално обезличување за да се стигне само до почеток на преговори за членство во ЕУ – вели Ивица Боцевски.
И според Владимир Божиновски важна е поддршката што Македонија ја добива од земјите-членки од своевидниот источен блок на ЕУ, кои во неодлучноста за проширувањето на старите земји-членки, поради што „замижуваат“ на каприциозните уцени на Бугарија (и Грција), сепак ги одржуваат во сила и темелните вредности на Унијата.
– Сите источноевропски земји во ЕУ, па и Австрија, генерално ја поддржуваат Македонија во спорот што го наметна Бугарија. Дури, може да се каже дека и Германија прави заложби за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, но не веројатно не со толкав притисок како на пример што правеше за Хрватска. Франција е друга приказна со нејзиниот скептицизам за проширувањето, што дури и ни стави вето меѓу ветата на Грција и Бугарија. За жал, Македонија на својот евроинтегративен пат се претвори во една прокси-територија, врз која се прекршуваат различни геополитички интереси, од кои сакаат да профитираат и соседите од регионот. Повторно, за жал, искуството ни покажа дека коленичењето и сервилноста не се решение за пробив во евроинтеграциите, а Македонија сега е под уште поголем предизвик за зачувување на својот национален идентитет и државност – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.