Македонскиот драмски писател, драматург, сценарист, поет, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература, Зоран Пејковски, неодамна го објави својот најдов драмски еп „Нож“, кој претставува најзначајно книжевно дело од македонската историја.
По Илинденското востание, Битката на ножот се памети како најкрвав настан. Токму по тој повод, но и по повод 115-годишнината од битката 1907-2022 година, излегува ова драгоцено книжевно дело, кое е со пролог и епилог, а рецензенти се Виолета Ачкоска и Славчо Ковилоски.
За овој несекојдневен и значаен историски настан, односно за драмскиот еп „Нож“, Ачкоска меѓу другото ќе напише: „Епопејата на Ножот, пеколна смрт на 54 млади македонски јунаци во јули 1907 година, е длабоко врежана во колективната меморија на македонскиот народ – со возвишеноста и трагичноста на чинот, со поуката „Слобода или смрт“ за сите идни генерации Македонци. Херојство пред кое и непријателските војници ги симнале капите. Пред јунаците, пред нивниот јуриш во смртта, за да останат запишани во бесмртноста“.

– Вметнувањето на епиката, односно лирското обликување на драмата, Пејковски го остварува со внимателен избор на термини што треба да побудат патриотско-романтичарска возбуда, но и преку внатрешни отсликувања на карактерите на актерите на овој настан за да дадат слика на емоционалните состојби на најголемиот дел од учесниците во битката. Драмата е поткрепена со повеќе историски извори, а е дополнета и со низа усни преданија што до ден-денес се прераскажуваат во околните села на Ножот – вели Ковилоски.
Зоран Пејковски е доцент по драматургија на Факултетот за театарски уметности при интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје.
Автор е на 24 драмски дела, на 24 збирки песни, еден роман, еден препев, четири научноистражувачки книги од театрологијата, три публицистички книги и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби.