На 39-то издание на престижниот театарскиот фестивал „Денови на Нушиќ“ во Смедерево, Србија, свечено беше прогласен победникот на фестивалот, претставата „Ана Каренина“ според романот на Толстој, во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски, а во продукција на Новосадско народно позориште – Нови Сад.
Претставата на нашиот Пројковски, еден од најнаградуваните и најпродуктивни македонски театарски режисери на Балканот, повторно ги „победи“ своите големи конкуренти – претставите, меѓу другите, на Народно позориште – Суботица, Ателје 212 – Белград, Народно позориште – Белград и Београдско драмско позориште – Белград, а ја оценуваше жири, во состав Исидора Миниќ, Слободан Бода Нинковиќ и Милорад Мики Дамјановиќ.

– Претставата „Ана Каренина“ е моќно театарско доживување. Режисерот Дејан Пројковски со многу малку текст, користејќи го романот на Толстој речиси како синопсис, успева да раскаже возбудлива приказна за судбината на жената – човекот растргнати меѓу општествените норми и своите чувства. Низ многу модерен израз, сложувајќи слики од животите на јунаците, во драматичната сценографија, а сето ова поддржано од врвната игра на целиот ансамбл, добивме фантастична, возбудлива, несекојдневна, раскошна изведба на големиот класик. Се надеваме дека оваа претстава ќе ја подигне „пречката“ на нашиот театар и ќе стане стандард во поглед на театарската уметност – пишува во образложението на жирито.

На ова издание на „Денови на Нушиќ“, наградата за животно дело му беше доделена на легендарниот актер на просторите на поранешна Југославија, Богдан Диклиќ.
Наградите на театарскиот фестивал „Денови на Нушиќ“ овој пат, под мотото „Приказните наши, приказните насушни“, ја зголемија навистина богатата колекција од 23-те награди што овој врвен театарски продукт на Пројковски ги доби во последните две години во Србија и во странство. Имено, „Ана Каренина“ ги понесе наградите на сите релевантни фестивали во Србија во изминатите две години, како што се фестивалот на професионални театри на Војводина, фестивалот „Тврѓава“, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање, „Театарска пролет“ во Шабац… Актерката Марта Береш, пак, за улогата на Ана Каренина е прогласена и за најдобра актерка во Унгарија.

Со овие сите награди, „Ана Каренина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште – Нови Сад, а истовремено го вбројува македонскиот режисер Дејан Пројковски во редот на најзначајните театарски режисери на денешнината, не само во Македонија туку во целиот регион.
Деновиве, нашиот Дејан Пројковски почна со подготовките на проектот „Инферно“ според „Пеколот“ од Данте Алигиери, во народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, долгоочекуван од македонските професионалци и љубителите на театарската уметност, театарски спектакл потпишан на овој македонски врвен режисер.