Мечта

292

И тоа да се сонува за големи нешта (не само декларативно, туку со тежнеење, упорност, спортска дрскост, инает, дисциплина, самомотивација, посветеност, откажување…). Сево ова значи дека во, сега веќе, ерата во која „малите“ баш и не ги есапат многу „големите“ и Македонија може да го грабне својот дел од славата. Почнувајќи од септември

Интересно светско првенство. Табелата изгледа доста испревртено, многу од тие што ги најавуваа како главни фудбалери на овој Мундијал преку ТВ-пренос го следеа финалето, а некои други, репрезентации и фудбалери, беа главни на теренот во Москва. Одлично светско првенство. Беа постигнати многу голови, имаше само еден нерешен резултат 0-0, имаше малку покажани црвени картони, многу возбуда, доста голови во судиски продолженија, многу рекорди од разни категории. Квалитетно светско првенство. Како ретко кога имаше повеќе кандидати за „златната топка“, усовршена е противиграта за до неодамна доминантната тики-така, иноваторите најдоа и одлична тактика, која резултира со рекорден број голови по прекини…

На Европското првенство пред две години малите репрезентации (сега веќе условно мали, оти сѐ повеќе е јасно дека поделбата се прави само и исклучиво според квалитетот) одиграа одлично, си ја исполнија својата идеја, цел и мисија. Две години подоцна целосно ги превртеа работите на светско ниво. Така, Јужна Кореја го сопре во тој момент актуелниот светски првак Германија (претходно и Мексико), на чија сметка во осминафиналето заминаа Шведска и Мексико. Пиринејските фудбалски гиганти, едниот европски првак (Португалија) од континенталниот шампионат во 2016 година, другиот светски шампион од 2010-та и двоен европски првак од 2008 и 2012 година (Шпанија), беа запрени веќе во осминафиналето. На тоа скалило застана и велесилата Аргентина. Понатаму од четврт-финалето не се проби ниту најтрофејниот (пет титули светски првак) Бразил. Итн.
На нивна сметка, но по своја заслуга, на пример Хрватска испиша нова страница на својата и на светската фудбалска историја. Хрватите изодеа и најдолг пат, оти од квалификациите, преку баражот и седумте меча на ова СП, згора и со 90 минути повеќе од сите други селекции, тие за мундијалското сребро одиграа 19 меча, а заедно со продолженијата 20. И Белгија со бронзениот медал се искачи на најголемите мундијалски височини во својата историја, иако имаше капацитет и за финале.

И овој Мундијал (но веќе неколку години и неколку други големи натпреварувања), особено успехот на Хрватска, е одличен потстрек и за македонскиот фудбал. Тоа што го прават селекциите од втор план (таква беше и Португалија пред ЕП 2016, да не зборуваме за Чиле со двете титули на Копа Америка) е показател како треба да се работи, но пред сѐ и дека за висок дострел прво треба да се сонува

Русија (пред СП со најслаб пласман на листата на ФИФА меѓу 32-те селекции-учеснички) прво ја исфрли Шпанија, а потоа во крајно возбудлив дуел беше сопрена од сребрената Хрватска. Но, и домаќинот на турнирот оствари свој најдобар резултат (по СП 1966, тогаш како СССР). Како дополнување, Шведска е најдобро пласирана по СП 1994 (тогаш трета, сега седма, во меѓувреме или не играла или била осминафиналист), конкурентни беа и Сенегал, Нигерија… А Франција титулата ја освои заслужено, поради квалитетот, константноста и креативноста, но и поради научените лекции од минатото (пред две години загубија на свој терен во финалето на ЕП).
И овој Мундијал (но веќе неколку години и неколку други големи натпреварувања), особено успехот на Хрватска, е одличен потстрек и за македонскиот фудбал. Тоа што го прават селекциите од втор план (таква беше и Португалија пред Европското првенство во 2016 година, да не зборуваме за Чиле со двете титули на Копа Америка во финалиња со Аргентина) е показател како треба да се работи, но пред сѐ и дека за висок дострел прво треба да се сонува. И тоа да се сонува за големи нешта, за највисоката цел, затоа што само така може да се стигне далеку, како Хрватска, на пример, која сонуваше титула, стигна до среброто, но според сѐ нема да чека долго и на некое злато.

Сево ова значи дека во, сега веќе, ерата во која „малите“ баш и не ги есапат многу „големите“ и Македонија може да го грабне својот дел од славата. Почнувајќи од септември. Едни црвено-жолти веќе покажа како малите стануваат големи, преку репрезентацијата до 21 година, која играше на младинското Европско првенство во Полска во 2017 година. Оваа генерација веќе најавува висок дострел низ Лигата на нациите, новото натпреварување, еден од начините да се стигне до Европското првенство во 2020 година. Иако истите приказни се повторуваат околу македонската фудбалска репрезентација речиси секои две години повеќе од две децении (завршува еден циклус, па следуваат големи најави за следниот), сега сѐ е поинаку. Македонија има стандарден тим од дваесетина фудбалери, што е еден од условите за добар резултат (на пример, Белгија во полуфиналето на СП 2018 играше со деветмина што играа против Македонија во квалификациски меч во 2013-та). Македонската селекција има победничка серија (важна за многу важната самодоверба). Репрезентацијата има играчи што знаат да победат големи (меѓу другите и младинците од ЕП 2017), има предводник на теренот (многу важен за секој тим, како, на пример, Еден Азар за Белгија, Лука Модриќ за Хрватска…), конечно има селектор што не беше сменет по еден циклус (Дидие Дешам, на пример, е селектор на Франција од 2012 година).

Секако, Македонија можеби нема да биде европски првак по две години, но сонувањето почнува сега, а сонот, кој далеку од тоа дека е само декларативен, туку е составен од тежнеењето, упорноста, спортската дрскост, инаетот, дисциплината, самомотивацијата, посветеноста, откажувањето…, е тој што ќе го понесе идниот првак кон тронот, а црвено-жолтите прво на ЕП 2020. „Разликата помеѓу невозможното и возможното лежи во одлучноста на човекот“, вели славниот американски бејзбол-играч Томи Ласорда. Теодор Рузвелт (поранешен претседател на САД), пак, рекол: „Верувај дека можеш и веќе си на половина пат дотаму“. За тоа дека сонувањето е важен сегмент зборува и тоа што и официјалната топка на ФИФА со која се играше на СП 2018 има токму такво име – мечта (сон).
Затоа, колку повисока е целта, толку повисок ќе биде и успехот. Нема фудбалер што не го сонува она што го доживеаја Французите во неделата во Москва, а сите преостанати сега само се прашуваат „што би дале да се на нивното место“. Сѐ почнува со сонот. И по ова СП тие што сонувале за големи нешта се на врвот, а еден од нив е најдобриот фудбалер на Мундијалот. Сонувајте.