Доколку сте љубители на пливањето или на одмарањето покрај базен, веројатно сте си замислувале дека еден ден ќе имате свој базен. Меѓутоа, ако дворот ви е мал, во тој случај базенот изгледа како недостижен сон.

До неодамна базените кај нас беа луксуз што можеа да си го дозволат само оние со подлабок џеб. Но денешната современа технологија и едноставниот начин на изградба на базените овозможуваат многу пониски цени на чинење на истите тие, така што сите што имаат простор и желба да си направат базен можат да си го дозволат тоа.

Факт е дека објектите што имаат базен во своите рамки имаат значително повисока цена на пазарот за недвижности. А покрај тоа што ќе имате можност за разладување во базенот, тој ќе стане и централно место за дружење со семејството и пријателите. Затоа многу е важно осмислувањето на базенот да биде и функционално и убаво. Главни фактори што влијаат на карактерот на базенот се неговата местоположба и формата.

Отворениот базен сместен во дворот има и предности и мани, исто како и затворениот базен, кој е сместен во куќата или покрај неа.
Во градината, отворениот базен ќе го збогати целокупниот изглед на вашата куќа така што ќе влијае освежувачки во текот на жешките летни денови. Освен тоа, освежувачкото бањање во него во текот на целото лето е ненадоместливо задоволство.

Изградбата на отворен базен технички е поедноставна и финансиски поповолна од изградбата на затворен базен. Најголема мана на отворениот базен е неговиот сезонски карактер и можноста за користење само во топлите летни денови.

Постојната водоводна и електрична инсталација како и практичноста од понатамошно користење нека бидат причина заради која базенот ќе го направите поблиску до куќата. Во непосредната близина на базенот не треба да има листопадни дрвја или грмушки, бидејќи нивните лисја ќе паѓаат во базенот, а со тоа ќе се оптоваруваат (затнуваат) филтрите за прочистување на водата.

Просторот околу базенот како и другите елементи (градинарски мебел и скара) визуелно усогласете ги со надворешниот изглед на куќата и околината.

Внатрешниот, затворен базен, за разлика од надворешниот, овозможува негово користење во текот на целата година. Изградбата на внатрешен базен од финансиски аспект е поскапа. При изградбата на затворен базен треба да се внимава на термо и хидроизолацијата поради специфичните микроклиматски услови што владеат во просторот каде што е сместен базенот. Климатизацијата е многу важна. Најголемите проблеми што се јавуваат кај затворените базени се кондензацијата и испарувањето на хлорот. Затоа е најважно квалитетно да се реши климатизацијата во затворените базени, а како компромис се нуди делумно затворен базен со подвижен покрив или лизгачки ѕидови, кои чинат релативно поскапо.

Дали ќе направите правоаголен, овален или базен со неправилна форма и за тоа колкави ќе бидат неговата големина и длабочина зависи од желбите, можностите, потребите и просторот со кој располагате.