Достигнување што паднало во заборав

Како и повеќето од нас, Сузан Слејд, познатата американска авторка на книги за деца, била шокирана од брзината со која се шири ковид-19 низ нашата планета.
– Како авторка за деца, можев да замислам многу прашања на кои децата се мачат да одговорат. Но едно прашање се чинеше особено збунувачко: кога првпат се појавил коронавирусот. Неколку недели подоцна, најдов зачудувачка информација во статија на „Нешнл џиографик“ дека коронавирусите не се нови вируси. Всушност, тие биле откриени уште во 1964 година од една брилијантна жена, Џун Алмеида, која немала ниту формално универзитетско образование – вели Сузан Слејд, авторка на илустрираната книга „Џун Алмеида, детективка за вируси!: Жената што го открила првиот коронавирус кај луѓето“, која наскоро треба да биде објавена во САД.

Која била Џун Алмеида?
Како и многу жени низ историјата, кои направиле револуционерни научни откритија, Џун Алмеида со децении не ѝ била позната на јавноста. Таа е родена во 1930 година во Глазгов во семејство на возач на автобус и продавачка. Кога имала десет години, нејзиниот четири години помлад брат починал од дифтерија, а тоа го поттикнало нејзиниот интерес за медицина и биологија. Таа била одлична студентка и сонувала да студира медицина, но нејзиното семејство било сиромашно и не можело да си дозволи образование за нивната надарена ќерка. Затоа, Џун го напуштила училиштето на 16-годишна возраст и по краток курс започнала да работи како лабораториски техничар во познатата Кралска болница во Глазгов. Таа работела во Одделот за хистопатологија и во нејзината секојдневна работа користела микроскоп при анализа на примероци од ткива. Кога имала 22 години, Џун со своите родители се преселила во Лондон каде што се вработила како лабораториска техничарка во болницата „Свети Вартоломеј“. Наскоро се запознала со Енрике Алмеида, уметник од Венецуела, со кого се венчала во 1954 година, а потоа се преселиле во Канада во потрага по подобар живот, каде што Џун се вработила како техничарка во Онтарискиот институтот за рак во Торонто. Таму започнала да користи електронски микроскоп и да истражува вируси, што резултирало со неколку научни трудови.
Во 1960 година двојката ја добила ќерката Џојс, а во 1964 година се вратила во Лондон, затоа што на Енрике му бил здодевен животот во Канада. Џун, која успешно се справувала со електронскиот микроскоп, се вработила кај професорот Тони Вотерсон во болницата „Сент Томас“. Тоа е истата болница каде што британскиот премиер Борис Џонсон се лекуваше од коронавирус. Таму, во 1964 година, со неа контактирал докторот Дејвид Тајрел, кој со својот тим од болен студент во Сари земал примероци од вирус сличен на грип што го нарекле Б814, но не успеале да го одгледуваат во лабораторијата. Откако традиционалните методи не успеале, истражувачите започнале да се сомневаат дека Б814 можеби е нов вид вирус.
– Џун Алмеида го открила коронавирусот во болницата „Сент Томас“ додека проучувала примероци на луѓе што имале симптоми на настинка, но од нивните примероци не можело да се открие присуство на класичен вирус што предизвикува настинка. При испитување на овие примероци со електронски микроскоп, Џун открила нов вид вирус. Таа се обидела да го објави откритието, но нејзините резултати биле критикувани од други научници затоа што сметале дека станува збор за „слабо подготвени“ примероци на вирусот на грип, кој ја изгубил својата оригинална форма – објаснува д-р Ненад Бан, професор по структурна молекуларна биологија на Швајцарскиот федерален институт за технологија.
Бан додава дека сепак, по неколку години, било препознаено дека станува збор за нов вид вирус наречен коронавирус затоа што честичките на вирусот изгледале како да се опкружени со круна или венец.
– Денес е познато дека околу 20 проценти од настинките се предизвикани од коронавируси, кои може се прошириле меѓу населението многу одамна во историјата, слично на она што сега се случува со вирусот САРС-КоВ-2. За разлика од коронавирусите, кои предизвикуваат настинки, САРС-КоВ-2 е многу поголем проблем бидејќи се шири многу побрзо, а исто така предизвикува многу поопасни респираторни проблеми – истакнува Бан.

Што се случило со Џун Алмеида по откривањето на коронавирусот?
По враќањето во Лондон, на Енрике не му требало долго да зажали за таа одлука. Но Џун одбила повторно да се пресели, па во 1967 година се развеле. Енрике се вратил во Канада, оставајќи ја Џун сама да ја воспитува нивната ќерка Џојс, која имала само седум години. Не ѝ било воопшто лесно затоа што нејзината макотрпна работа не била доволно платена за да може да ангажира дадилка. За среќа, ѝ помогнале нејзините родители, кои биле пензионери и живееле во предградие на Лондон. Ќерката на Џун, подоцна станала позната британска психијатарка. Многу години на Џун Алмеида не ѝ била потребна факултетска диплома за нејзината работа, но кон крајот на 1960-тите години станало јасно дека развојот на нејзината кариера ќе биде попречен без формално универзитетско образование. Затоа, во 1970 година таа најпрво магистрирала, а една година подоцна и докторирала на Универзитетот во Лондон.
Џун повторно се омажила во 1982 година, а нејзин втор сопруг бил Филип Гарднер, клинички вирусолог, кој ѝ помогнал да ја совлада техниката на имунофлуоресценција за брзо дијагностицирање на многу вирусни инфекции, особено оние на респираторниот систем.
Џун Алмеида се повлекла од вирусологијата во 1985 година, но останала активна и љубопитна. Таа станала инструкторка по јога, научила како да изработува фин порцелан и развила љубов кон антиквитети што ги наоѓала со својот сопруг Филип, кој починал во 1994 година. По неговата смрт, Џун се вратила во болницата „Сент Томас“ како советничка и помогнала да се објават некои од првите висококвалитетни снимки на ХИВ. Починала во 2007 година од срцев удар на 77-годишна возраст.
Професорот Хју Пенингтон од Универзитетот во Абердин, кој работел со Џун во болницата „Сент Томас“, во интервју за шкотскиот дневен весник „Хералд“, за неа вели дека имала извонреден талент за наука и сè што ќе допрела во нејзините истражувања се претворало во вистинско злато.
– Џун Алмеида без сомнение е една од најголемите шкотски научници од нејзината генерација, но, за жал, во голема мера заборавена. Звучи иронично, но пандемијата на ковид-19 повторно го осветли нејзиното истражување. Она што го стори Џун сега е многу релевантно, а нејзините методи сѐ уште се користат – истакнува Пенингтон.
Пандемијата на коронавирусот беше можност за Џун да добие и едно постхумно признание, во септември 2020 година, новата лабораторија за тестирање на ковид-19 во болницата „Гајс“ во Лондон беше именувана по заборавената „детективка за вируси“.