Македонското џудо сигурно дека има иднина, но само под услов ако финансиски се вложува во него, ако се работи систематски и на долги патеки, со акцент на младите и талентирани натпреварувачи, а сето тоа заеднички помогнато од МОК и АМС, вели селекторот Ѓорѓиоски

Македонските џудисти викендов во Кавадарци го постигнаа досега својот најголем успех на балканските првенства, освојувајќи вкупно 10 медали (едно злато, четири сребра и пет бронзи), што, секако, претставува уште еден доказ дека Македонија има квалитетни и надежни џудисти. Еден од заслужните за овој успех, секако, е и селекторот на македонската сениорска репрезентација Александар Ѓорѓиоски, кој на оваа функција е само неколку месеци.

– Задоволството од постигнатиот успех во Кавадарци секако дека е големо, а за тоа доволно говорат и 10-те освоени медали во конкуренција на седум држави и повеќе од 70 натпреварувачи, за разлика од ланското Балканско првенство во Скопје, кога освоивме пет бронзи, од кои по две во машка и во женска екипна конкуренција. Задоволството е уште поголемо ако се знае и фактот дека годинава решивме да настапиме со подмладен состав, во кој имаше и јуниори и кадети, односно натпреварувачи што имаат светла иднина во овој боречки спорт – вели Ѓорѓиоски.
Селекторот потврдува дека успехот во Кавадарци не е случаен.

– Медалите се резултат на континуираното и систематско работење со овие надежни македонски џудисти, како и несебичното вложување на сите во постигнувањето што подобри резултати. Ете, лани бевме трети во екипна конкуренција, годинава втори, па се надевам на следното Балканско првенство да стигнеме и до златниот медал. Зошто да не. Сето ова што го реализиравме доволно кажува дека сме на вистинскиот пат – истакна Ѓорѓиоски.

Тој е задоволен од залагањето на македонските репрезентативци на првенството.

– Има многу македонски џудисти што се за истакнување, но ако треба некого да одвојам, би ги спомнал Берна Шерифовска, која има континуитет на настапи и успеси од европски куп-натпреварувања, потоа Анастасија Качаниклиќ, Александра Најдоска, Борче Ангелов, браќата близнаци Дарко и Давор Велковски, Борче Ангелов, кој на првиот ден во екипниот настап го победи актуелниот балканскиот првак (до 73 кг) и други. Македонското џудо сигурно дека има иднина, но само под услов ако финансиски се вложува во него, како еден од основните проблеми што постојат во сите спортови, потоа ако се работи систематски и на долги патеки, со акцент на младите и талентирани натпреварувачи, а сето тоа заеднички помогнато од МОК и од АМС – вели Ѓорѓиоски

Селекторот верува дека и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Македонија ќе има свој џудист.

– Македонија имаше свој џудист на последните ЛОИ, тоа беше Катарина Николовска, која настапи со вајлд-карта, но јас сум оптимист и верувам дека ќе имаме претставник и на следните ЛОИ со остварена норма. Еден од нив е Хамза Јашари, кој годинава освои злато и сребро на Европскиот куп за кадети во Хрватска, односно во Италија, и злато на ЕП за кадети во БиХ – рече Ѓорѓиоски.