Малкумина дизајнери биле влијателни како Џорџето Џигуаро во обликувањето на современите автомобили. Во неговата 64-годишна кариера, тој дизајнирал некои од најуспешните и највлијателни автомобили во историјата. Дизајнирал над 200 автомобили за производители низ целиот свет, кои колективно имаат ставено над 60 милиони автомобили на патиштата. Тој и денес, на 81-годишна возраст, сè уште работи. Откако ја продаде својата дизајнерска фирма „Италдизајн“ во 2015 година, продолжува да дизајнира, сега со неговиот син Фабрицио, под покривот на новата фирма наречена „ГФГ стајл“.

Џигуаро се има појавено во светот на автомобилите во најдоброто време и место за едно младо момче што сака да стане надарен дизајнер. Џигуаро им се придружил на вработените во „Фиат“ уште кога имал само 17 години – но не затоа што сакал да црта автомобили.
– Се вклучив со автомобили не од страст туку како дел од мојот креативен процес – вели тој за Си-ен-ен.

Џигуарови биле семејство на уметници, па и Џорџето требало да оди по сличен пат. Неговиот татко, сепак, забележал дека тој повеќе има техничка склоност, па му дозволил да оди во уметничко училиште прекуден, а да учи технички дизајн во вечерните часови. Данте Аcакоса, технички директор на „Фиат“, видел некои од неговите автомобилски скици и го ангажирал како помлад дизајнер.
– Јас се приклучив во „Фиат“ во 1955 година за да имам искуство надвор од светот на уметноста, не знаејќи каде ќе ме доведе тоа. Ова искуство беше повредно од училиштето и ми даде самодоверба да експериментирам со мојата креативност – вели Џигуаро.

По четири години во „Фиат“, работата на Џигуаро ја забележал Нучио Бертони, кој водел едно од неколкуте влијателни ателјеа за креирање автомобилски школки што се појавиле околу Торино во тоа време, вклучувајќи ги Гиа, Пининфарина и Вињале. Фирмата „Бертони“ го направи своето име со стилизирање убави автомобили за други производители и го ангажира Џигуаро за работа на некои проекти.
– Во 1960-та ги видов моите први прототипови како оживуваат во „Бертони“: „гордон-кибл гт“, „алфа ромео 2600“ и „гулија гт“, кои ги завршив пред да ме викнат за тогашната задолжителна воена служба. Имав 22 години – вели Џигуаро.
Откако создал автомобили кај „Бертони“, кои биле наменети за автомобилските фирми како БМВ, „Мазда“ и „Ферари“, Џигуаро во 1965 година повторно се вратил со дизајнирање автомобили, но овој пат во „Гиа“, конкурентот на „Бертони“. Таму дизајнирал два од неговите најубави автомобили, „масерати гибли“ и „де томасо мангуста“.

„Мангуста“ стана мала икона кај ентузијастите на спортски автомобили, иако беа произведени само околу 400. Една од повпечатливите карактеристики на дизајнот се вратите за влечење што се наоѓаат кај моторот и багажниот простор, навистина уникатен чуден стил. Тоа е автомобилот на Бил во „Убиј го Бил: 2“, а се појавува и во филмовите „Да исчезнеш за 60 секунди“ и во музичкото видео на Кајли Миног „Can’t Get You Out Of My Head“.
Во 1967 година, на возраст од 29 години, но со 12-годишно работно искуство, Џигуаро отвори своја фирма за дизајн, „Италдизајн“, и премина во дизајнирање автомобили за масовна продукција.

– Автомобилите за масовно производство, како проект, имаат многу варијабли, вклучувајќи време, трошоци, студија за оправданост, режисери, маркетинг – креативниот аспект не е тежок, но медијацијата помеѓу сите овие го прави овој процес задоволувачки – вели Џигуаро.

Во 1974 година тој беше замолен да го дизајнира наследникот на „буба“ за „Фолксваген“. Како резултат на првата генерација на голф, дебитира „периодот на оригами“ на Џигуаро, како нов стилски сензибилитет во кој доминираат остри и аголни линии кај неговите креации. Голфот, кој моментно е во својата седма генерација, сè уште е неоспорен лидер во својот сектор, со продажба до денес поголема од 30 милиони единици.

– Кога „Фолксваген“ ме праша дали сакам да имам ознака на секој голф што е изграден со мој дизајн, реков: Не, благодарам. Meне ме чинеше повеќе да им испраќам илјадници ознаки секој ден од парите што ги добив од целиот проект. Кога луѓето купуваат автомобил, тие обично не се грижат за тоа кој го дизајнирал. Автомобилите не се уметнички дела. Уметноста е престижна, но автомобилите не се – вели Џигуаро.

Џигуаро го примени својот остар оригами-стил на автомобили наменети за различни цели и пазари. Во 1976 година тој го дизајнира „ескрит“ за англискиот производител на автомобили „Лотус“, кој стана автомобил на Џејмс Бонд во филмот „Шпионот што ме сакаше“, кој се трансформира во подморница. Самиот автомобил што се користеше за подводните сцени на филмот го купи Елон Маск во 2013 година, за речиси еден милион долари. Набргу потоа го стилизираше „де лореан“, купе со две врати, лансиран во 1981 година, кој Роберт Земекис и Боб Гејл го одбраа како автомобил за филмот „Враќање во иднината“ во 1985 година. Џигуаро овој концепт го основал на концепт-автомобилот „тапиро“ од 1970 година што го создал за „Порше“.

– Не очекував дека може да се избере како автомобил за филм. Нејзиниот нечист изглед се должи на фактот дека „де лореан“ не сакаше да потроши ништо на опрема за боење, па одлучивме да користиме не’рѓосувачки челик. Драго ми е кога некој се сеќава дека сум го дизајнирал – вели Џигуаро.

Денес Џигуаро веќе не е вклучен во „Италдизајн“, но тој сè уште дизајнира автомобили, а една од неговите последни креации беше претставена на Саемот за автомобили во Женева во 2018 година, во чест на неговиот 80-ти роденден – електричниот концепт-автомобил по име „сибила“, по неговата мајка Марија Сибила.