Секако дека е тешко да се биде континуирано во врвот на проблемскиот шах, уште повеќе што веќе имам 63 години, а и се појавуваат нови млади проблемисти што се полни со енергија за брзо решавање на поставените проблеми, вели истакнатиот англиски шаховски и проблемски велемајстор Џон Нан

Сметам дека треба да се работи на уште поголема популаризација за проблемскиот шах да стане уште поактуелен отколку сега, па дури и на најмалите деца да им се даваат да решаваат шаховски проблеми во вид на лесни задачи. Исто така, треба да има и повеќе организирани турнири во компонирање и решавање шаховски проблеми, изјави во интервјуто за „Нова Македонија“ Џон Нан, англиски шаховски велемајстор, трикратен светски шампион во решавање шаховски проблеми (2004, 2007, 2010 година), кој деновиве настапува во Охрид, на Светското првенство во решавање шаховски проблеми.
Нан е роден во Лондон во 1955 година, тој е шаховски писател, издавач и математичар. Тој е еден од најсилните шахисти во Англија, а порано и меѓу првите 10 во светот. Како помлад, Нан покажал неверојатен талент за шахот, а во 1967 година, на 12 години, станува британски првак во категоријата до 14 години. На 15 години, пак, продолжува на колеџот во Оксфорд, за да ја изучува математиката. Во тоа време, Нан бил најмладиот студент на Оксфорд по кардиналот Волси во 1520 година. Во 1978 година докторирал, а таму предавал математика до 1981 година, кога станал професионален шахист.

Во 1975 година, тој станал младински европски првак. Станал велемајстор (ВМ) во 1978 година и бил британски првак во 1980 година. Нан двапати освоил поединечни златни медали на шаховските олимпијади. Тој победил на престижниот турнир „Хоговенс“ (кој се одржува секоја година во Вајк ан Зе), во 1982, 1990 и во 1991 година.
Нан се смета за еден од најдобрите современи автори на шаховски книги. Напишал многу книги, вклучувајќи ја и „Тајните на шаховскиот велемајстор“, со која ја освои првата награда на Британската шаховска федерација како книга на годината во 1988 година.

Вие сте трикратен светски првак, а и на првенството во Охрид атакувате на нова светска титула. Дали е тешко да се биде постојано во самиот врв?
– Секако дека е тешко да се биде континуирано во врвот на проблемскиот шах, уште повеќе што веќе имам 63 години, а и се појавуваат нови млади проблемисти, кои се полни со енергија за брзо решавање на поставените проблеми.

Вие бевте одличен играч и репрезентативец на Англија во класичен шах. Дали поради тоа сте и одличен проблемист?
– Не мислам дека добар шахист секогаш треба да биде и добар проблемист. Нормално дека добар шахист треба да има добри предиспозиции за добар решавач, но, сепак, нема директна последица.

Која беше причината да го напуштите класичниот и да преминете на проблемскиот шах?
– Па, како што одат годините, тоа секако станува сѐ потешко. Постигнував добри резултати и како класичен шахист и како проблемист. Но со текот на времето љубовта кон проблемите и нивното компонирање и решавање, сепак, надвладеа и почнав да се занимавам со тоа. На крајот на краиштата, решавањето проблеми не бара така студиозна подготовка како што тоа го изискува класичниот шах, со неговата теорија, анализа на позиции и слично.

Кои видови проблеми најмногу ве привлекуваат?
– Речиси сите видови, но особено ги сакам помошните матови, самоматовите и студиите.

Интуиција, препознавање матни слики, систематско решавање на позицијата… Постои ли рецепт по кој толку брзо доаѓате до конечното решение на зададените шаховски проблеми?
– Па, би рекол од сѐ по малку. И интуиција и препознавање на завршни матови слики, но, сепак, најмногу барајќи ја основната идеја што ја имал авторот кога го компонирал проблемот.

Која е вашата крајна цел на полето на проблемскиот шах?
– Немам крајна цел. Едноставно сакам преку проблемскиот шах што повеќе да се дружам со проблемистите.

Првпат сте во Охрид?
– Не само во Охрид туку првпат сум воопшто во Македонија и тука се чувствувам многу пријатно.