Американскиот претседател Доналд Трамп е морално неспособен да управува со земјата, порача поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми. – Не верувам во тие истории дека тој e ментално некомпетентен или дека е во прв стадиум на деменција. Сметам дека тој е морално неспособен да биде претседател – изјави Коми, кого Трамп го смени од функцијата во мај 2017 година, во интервју за телевизијата Еј-би-си. Според него, американскиот претседател мора да искажува почит и да ги признае вредностите што се во срцето на Америка.

– Најважна вредност е вистината, а овој претседател не е способен да го стори тоа – додаде бившиот шеф на ФБИ. По интервјуто, Трамп упати нова навреда кон Коми, нарекувајќи го „одвратен“. – Неверојатно. Џејмс Коми тврди дека анкетите во кои води нечесната Хилари, биле причина за глупавата истрага за мејловите на Клинтон. Со други зборови, тој носел одлуки, затоа што мислел дека таа ќе победи и дека си ја сакал работата. Одвратен – напиша Трамп на Твитер. Претходно, Трамп исто така на Твитер го обвини Коми дека е „докажан предавник и лажго“. Војната на зборови помеѓу двајцата се интензивира сѐ повеќе во пресрет на промоцијата на книгата „Висока лојалност“ на Коми, во која тој изнесува пикантерии за актуелниот шеф на Белата куќа.