Поддржувачите на геј-парадата го правдаат нејзиното одржување со приклучување на Македонија кон државите што негуваат вредности на современиот свет. Но дали нејзиното одржување е некаков критериум за европеизација на државата?

Дали одржувањето на првата геј-парада во земјава, закажана за 29 јуни годинава во центарот на Скопје, а најавена од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, доаѓа во вистински момент и колку таа може дополнително да го подели и така поделеното општество? Само неколку дена по нејзиното најавување, социјалните мрежи се преплавени со реакции. Настанот го коментираат обични луѓе, јавни личности, професори, политичари, па дури и претставници на црквите и верските заедници во државата. Нивните мислења се различни. Многумина од нив не го одобруваат овој настан, во насока дека парадата ќе ги наруши традиционалните семејни вредности што се негуваат во државата, а другите, пак, велат дека ова е моментот кон кој треба да се стремиме, со што би ја приближиле државата кон современите текови на дејствување и размислување на луѓето. Но она што особено е индикативно, е што повторно на големо се враќа говорот на омраза на социјалните медиуми. Засега сѐ уште нема најави, но не се исклучува и опцијата за контрапарада, како што се случуваше тоа во соседните земји, кога првпат беа организирани вакви настани.

Поддржувачите на геј-парадата го правдаат нејзиното одржување со приклучување на Македонија кон државите што негуваат вредности на современиот свет. Но дали нејзиното одржување е некаков критериум за европеизација на државата?
Универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески вели дека во земјава не треба да се прави фама од одржување на геј-парадата, но во насока дека токму со нејзиното одржување би се приближиле до современиот свет.
– Тоа не е така. Ние треба да се стремиме кон потолерантно и подемократско семејство, но дека тоа ќе се случи токму преку одржување геј-парада е надвор од разумното размислување – додава Ацески.
Според него, организациите што работат на таа тематика имаат право да организираат разни собири, во случајов геј-парада, но едно општество не треба да прави херојство од таквите настани.

Црквата и верските заедници што функционираат во државата секогаш имале единствен став кога е во прашање промоција на ЛГБТ-заедницата. Тие не ги поддржуваат ваквите настани и оваа заедница ја сметаат за нешто што негативно може да се одрази на македонското општество.
На социјалната мрежа Фејсбук можеби најгласен беше свештеникот Димитар Арсовски, кој праша дали под превезот на љубовта треба да им се дадат права и на педофилите, зоофилите, некрофилите.

– Кои слободи и човекови права се нарушени? Секој, ама баш секој граѓанин без разлика на која сексуална група ѝ припаѓа го ужива правото на едукација, здравствено осигурување, вработување, пензија итн. Сево ова нѐ прави рамноправни. Јас навистина не разбирам што се подразбира под поимот „унапредување на правата“, што повеќе? Знаеме дека постои таква категорија луѓе и за нивната сексуална ориентација и тоа си е нивно право, но која е потребата својата интимност така манифестно да ја споделуваат. Јас имам неколку познајници што се јавно декларирани како хомосексуалци, луѓе што ми се во ред, односот ни е најнормален како човек со човек, сме пиеле кафе по кафулиња, но во нашето пријателство не се поминати „црвените линии“ на блискост, а што ми се допаѓа кај нив ниту им смета мојата религиозност (како што мене иако сум во мантија не ми пречи нивната сексуална определба, зашто на крајот и слободната волја е дадена од Бога), ниту пак имаат кукано дека се дискриминирани или третирани како граѓани од втор ред, едноставно си го тераат животот и тоа е тоа, не се наметнуваат како натчовек за кој е потребен посебен третман поради неговата сексуална ориентација. Нели тоа нас што не сме хомосексуалци нѐ става во втор план, нели е малку дискриминирачки? Ќе речат вие поповите и Црквата ги мразите хомосексуалците и имате одбивност. Апсолутно неточно! Немам(е) ништо против конкретна личност, но имам(е) против некои појави вклучувајќи ја тука и рекламата на хомосексуализмот. Во местата од Новиот завет каде што се осудуваат некои појави не се осудува само хомосексуалноста, туку и прељубата (кај стрејт луѓето), лажењето, крадењето, лицемерството, сѐ е ставено во еден кош. Што да кажеме друго освен да ви посакаме мирна парада со надеж дека ќе помине без инциденти оти дури тогаш ќе биде весело кога ќе почнете да се претставувате како маченици – напиша свештеникот Арсовски.


„Комити“: Му се брише идентитетот на еден народ

Од навивачката група „Комити“ излегоа со остра релација за Парадата на гордоста. Рекоа дека не треба да се дозволи слоганот парада на гордоста од нашата младост да биде злоупотребен и искористен како параван за спроведување една глобална црна агенда за депопулација на населението и бришење на идентитетот на еден мал, но горд народ, кој се бори да го зачува тоа што е и треба да биде, сега, секогаш и во вечни векови.
– Децата треба да растат со мајка и татко, а сите оние што имаат поинакви афинитети, склоности или амбиции се слободни во својот избор и никој не ги дискриминира. Никој не ги спречува да продолжат да го прават тоа што ги усреќува и исполнува, но ги замолуваме да не ни го промовираат тоа што ги прави нив среќни како вистинска трајна вредност, затоа што тоа не е ништо помалку од агресија, грубо насилство и погрешна едукација за младите генерации, кои треба еден ден да бидат носители на македонската државност.
Ве молиме да не ни ја навредувате интелигенцијата и да не навлегувате во нашата интимност – посочија од „Комити“. Р.З.