Во моментов површината на постојните заштитени подрачја во сливот на реката Брегалница изнесува само 0,03 проценти од севкупната територија. Со програмата за зачувување на природата во Македонија до 2020 година се предвидува овој процент да се зголеми на минимум три проценти заштитени подрачја, или површина од минимум 13.000 хектари на целиот слив

Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и координирана од „Фармахем“, организира регионална дебата за воспоставување на заштитени подрачја во сливот на реката Брегалница, на која учествуваа многу заинтересирани страни од сите 11 општини во источниот плански регион. Во моментов површината на постојните заштитени подрачја во сливот на реката Брегалница изнесува само 0,03 проценти од севкупната територија. Со програмата за зачувување на природата во Македонија, до 2020 година се предвидува овој процент да се зголеми на минимум три проценти заштитени подрачја, или површина од минимум 13.000 хектари на целиот слив.

– Брегалничкиот регион е многу малку познат по своите природни вредности во Македонија, на оваа дебата зборувавме за идните заштитени подрачја во регионот и демантираме дека заштитените подрачја го кочат економскиот развој во регионот. Сметам дека, напротив, од заштитените подрачја може и да се заработи и добро за се живее, а ова е предност за населението што живее овде, кое ќе има корист од екосистемските услуги и другите предности што произлегуваат од развојот на екотуризмот. Гледам дека и градоначалниците се подготвени за заштита на нови подрачја и тоа ме радува – изјави Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање.

Според тим-лидерката на програмата Марјана Шушлевска, главен столб на втората фаза од програмата е прогласување заштитени подрачја во источниот плански регион. На дебатата, прашања за предизвиците од прогласувањето нови заштитени подрачја во сливот на реката Брегалница, како и начинот на управување на идните заштитени подрачја, имаа можност да постават претставници на локалното население од 11 општини од ИПР, сточари, пчелари, претставници на рударскиот сектор, концесионери на ловишта и мали хидроцентрали, угостители, како и претставници на јавните претпријатија што стопанисуваат со шумите и со пасиштата.

Градоначалниците од регионот учествуваа на дебатата и сметаат дека придобивки за целиот регион ќе има доколку се заштитат едно поголемо подрачје, како на пример Осогово, и едно помало подрачје во Малешево. Тие сметаат дека со ваков приод ќе обезбедат услови за подобра и поорганизирана заштита на природата и нејзините ресурси, а наедно тие ќе ги стават во функција на регионалниот економски развој. Ова би довело до подобра основа за развој и промоција на туризмот како една стопанска гранка што е во подем и ќе се обезбедат услови за брендирање на веќе препознатливите производи од регионот.

Поголемото подрачје ќе вклучи повеќе општини, а корист може да имаат и другите општини што гравитираат кон ИПР. Во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија, предвидено е во следниот период да се подготви потребната законска документација за почнување на постапката за прогласување заштитени подрачја, како подготовка на Студијата за валоризација на идното заштитено подрачје, која, покрај природните вредности, ги вклучува и социоекономските аспекти, опфаќа креирање граници со клучните страни, дефинирање тело за управување, како и план за управување.