На тој начин клубот на најдобар можен начин прави чекор напред во подобрување на статусот во пресрет на 2019 година, кога одбележува 100 години од постоењето

Фудбалскиот клуб Љуботен се пласира во Третата фудбалска лига запад, на три кола пред крајот на општинската лига Тетово. На тој начин клубот на најдобар можен начин прави чекор напред во подобрување на статусот во пресрет на 2019 година, кога одбележува 100 години од постоењето.
– Иако има уште три кола до крајот на шампионатот ние со бодовите сме веќе прваци. Се пласираме во Третата лига запад. Очекуваме успешна наредна сезона. Во оваа општинска лига четири сезони се обидувавме да напредуваме и веќе успеавме. Досега без ниту еден пораз, со само еден нерешен резултат – рече капитенот Дејан Савевски, по завршувањето на средбата со Младост Туденце, која беше добиена со 3-1.

До пласманот еден ранг погоре доаѓа откако група стопанственици од градот го презедоа раководството на клубот. Целта е Љуботен да достигне што е можно повисок ранг на натпреварување.
– Кога почнавме да раководиме со клубот испланиравме дека сакаме да одиме еден по еден ранг нагоре. По две години целта е исполнета, со пласман во Третата лига. Сепак, сакаме да продолжиме со обидите да се обезбеди учество и во Втората лига – изјави Драгољуб Јовановски.
Љуботен од 1993 до 1996 година беше член на Првата македонска фудбалска лига.