Краткометражниот филм „Љубовникот“, снимен во манирот на старите неми филмови по сценарио и во режија на Игор Иванов-Изи, а во продукција на „Скопје филм студио“, е во завршна фаза на постпродукција. Филмот пред неполни два месеца беше снимен на локација во Скопје во населбата Карпош 2, каде што со креативна сценографија, костимографија и приод на камерата беше создаден автентичен амбиент за работа на нем филм од 1930-тите години.

Речиси како низ машина за времеплов е постигнат ефектот на незвучен филм, а актерската игра со препознатливата нагласена гестикулација својствена за немите филмови шармантно ни пренесува приказна за еден љубовен триаголник. Оваа нетипична филмска авантура за актуелното време има амбиција да потсети на филмската естетика од минатото, на големината на подвижните слики независно од тонот, и гледано од денешен аспект, гледачот да ја види таа сензација и натаму како свежа филмска форма.

Улогите ги толкуваат: Игор Ангелов, Наталија Теодосиева и Сашо Петровски. Кинематографери на филмот се: доајенот на македонскиот филм, Драган Салковски, Дејан Димески и Томи Салковски, костимографка е Емилија Атанасовска, монтажата е на Владимир Павловски, а продуцент е Томи Салковски. Филмот е во продукција на „Скопје филм студио“, а поддржан е од Агенцијата за филм на РМ.