Јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин можно е да учествува на најавениот самит помеѓу лидерите на САД и на Северна Кореја – Доналд Трамп и Ким Јонг-ун. Учеството на Мун, според извори од Сеул, ќе зависи од напредокот од подготвителните разговори пред самитот помеѓу Трамп и Ким. Историската средба е планирано да се одржи на 12 јуни во Сингапур, но беше доведена во прашање откако шефот на Белата куќа минатата недела соопшти дека нема да учествува, за потоа да порача дека подготовките за самитот се одвиваат нормално.

Во меѓувреме, Трамп истакна дека американски тим пристигнал во Северна Кореја, за да ја подготви евентуалната средба со севернокорејскиот лидер. Стејт департментот претходно соопшти дека американски и севернокорејски претставници се сретнале во селото Панминџон во демилитаризираната зона меѓу Северна и Јужна Кореја.
– Навистина верувам дека Северна Кореја има брилијантен потенцијал и ќе биде голема економска и финансиска држава еден ден. Ким Јонг-ун се согласува со мене за тоа. Тоа ќе се случи – напиша Трамп на Твитер.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, пак, изјави дека тимот за подготовка отишол во Сингапур, каде што се очекува да се одржи средбата.