Фото: Маја Јаневска-Илиева

Надлетувањето на нашиот воздушен простор, во грчката јавност и медиуми беше протолкувано како „гест што има очигледна симболика, но исто така и важност“. Тоа не е само поради нашата неможност да си го браниме небото отстапувајќи дел од суверенитетот на НАТО, односно на нашиот сосед, туку во тамошната јавност прелетот на грчките авиони имал поширока регионална цел, односно „да ги спречи амбициите на другите регионални играчи да го прошират своето влијание врз северниот сосед на Грција“

Симболичниот прелет на грчки авиони на нашето небо донесе друга порака во Грција

Грчки и американски воени авиони неодамна го поздравија пристапувањето на Македонија во НАТО летајќи над македонскиот воздушниот простор, но она што се наметнува како дилема е дали покрај симболичниот лет за добредојде во НАТО не се крие и пораката за новата геостратегиска улога што ја презема Грција на Балканот.
– Сегашната влада ги остави зад себе домашните поделби за Преспанскиот договор за името, кој беше потпишан од претходната левичарска администрација и со право ја искористи секоја можност да истакне дека Грција целосно ќе се придржува кон договорот. Ова се гледа како знак на почитување на институционалниот континуитет на грчката држава, но исто така е поттикнат од потребата да им служи на геополитичките интереси на земјата – пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Во анализата на весникот се истакнува токму геостратегиската цел на Грција да ја преземе контролата врз овој дел на Балканот.
– Овој гест ја има очигледната симболика, но исто така и важност, бидејќи има цел да ги спречи амбициите на другите регионални играчи да го прошират своето влијание врз северниот сосед на Грција. Тука треба да се забележи дека Турција и Бугарија се обидоа да ја преземат задачата за надгледување на воздушниот простор на Северна Македонија – наведува весникот.
Понатаму во анализата се наведува дека грчките воздушни сили го следат воздушниот простор на уште две балкански држави, односно Црна Гора и Албанија.
– Грција е во позиција да ја наметне својата воена моќ надвор од своите национални граници, секогаш во контекст на колективно одлучување и со согласност на државите вклучени во планот, а не преку вршење каков било притисок или промовирање неосновани тврдења – се наведува во текстот на „Катимерини“.

Според грчкиот весник, македонското членство во НАТО ќе ја олесни билатералната соработка во одбраната меѓу Скопје и Атина, а тоа и претходно се потврдило со добрата економска соработка и трговијата меѓу двете земји.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски оценува дека Македонија со прифаќањето грчки авиони да го обезбедуваат македонскиот воздушен простор направила голема отстапка.
– Прифаќањето од наша страна грчкото воено воздухопловство да ги штити нашите граници во име на НАТО е голема отстапка на Македонија во однос на Грција. Познато е дека за цело време на нашата самостојност најголем пријател на земјата беше Турција, која ни даваше голема поддршка особено во НАТО. Логично беше улогата на заштита на нашиот воздушен простор да ѝ ја отстапиме на Турција – смета Никовски, притоа додавајќи дека Анкара го очекувала тоа.
Според него, Македонија нема ништо да добие од договорот за заштита на небото со Грција.

– Во секој случај привилегијата што ѝ ја дадовме на Грција нема да ни донесе никаква корист бидејќи Атина ќе продолжи со пречки во процесот на нашето зачленување во ЕУ – вели Никовски.
Политичкиот аналитичар Јове Кекеновски смета дека со потпишувањето на Преспанскиот договор Грците добиле дозвола да летаат над нашето небо.
– Со потпишувањето на Преспанскиот договор Грција доби виза да лета над нашето небо. Гледано во контекст на НАТО, ова за Грција претставува проширување на своето геостратегиско дејствување. Ние се колневме во Турција, а испадна дека Грција е таа што ќе се грижи за нашето небо – вели Кекеновски.
Според него, Македонија самата нема капацитет да се грижи за сопствениот воздушен простор.
– Немаме капацитет да го чуваме своето небо, а мора да се научиме и да живееме според доктрините на НАТО – додава Кекеновски.