Јувентус и Реал лани играа во финалето

Двата фудбалски гиганта, кои досега одиграле 19 меча, речиси со израмнет ефект, осум пати победил Јуве, а девет пати Реал, со иста гол-разлика 22-22, вечерва играат во Торино, во првиот меч од четврт-финалето на ЛШ

Двомечот Јувентус – Реал, меѓу тимовите што лани играа во финалето, е еден од најинтересните во четвртфиналната нокаут-фаза на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) сезонава. Станува збор за двобој меѓу два фудбалски гиганта што досега одиграле 19 натпревари, речиси со израмнет ефект, осум пати победил Јуве, а девет пати Реал, со иста гол-разлика 22-22. Ова ќе биде трета пресметка во четврт-финале во ЛШ (или порано КЕШ). Првата беше во 1962 година (Реал беше поуспешен, 1-1, 1-1 и 3-1 во третиот меч), а втората во 1996-та (Јувентус, 0-1 и 2-0). Јувентус посакува реванш за поразот во ланското финале во Кардиф (1-4), но работата ќе му биде отежната поради отсуството на неколку клучни играчи.

Поради суспензија, Масимилијано Алегри не ќе може да смета на Миралем Пјаниќ и на Меди Бенатија, а поради повреди под знак прашалник е играњето на Џорџо Кјелини, Сами Кедира и на Алекс Сандро. Зинедин Зидан, своевремено играч и на Јувентус, а од 2001-та и на Реал, на клупата на „кралевите“ уште не е елиминиран во нокаут-фаза во ЛШ. Такво нешто на Реал му се случи во 2015-та, кога загуби токму од Јувентус во полуфиналето (2-1 и 1-1), по што „старата дама“ во финалето загуби од Барселона со 1-3. Севилја и Баерн го играат првиот меѓусебен натпревар во европска конкуренција. Шпанскиот клуб, кој во минатата осминафинална рунда го елиминира Манчестер јунајтед првпат е во четврт-финале на ЛШ по 1958 година. Од друга страна, за Баерн ова е седми последователен настап во оваа нокаут-рунда, вкупно 29-ти (поуспешен е само Реал со 35). Во утрешните четвртфинални мечеви играат Ливерпул – Манчестер сити и Барселона – Рома. Сите четири средби почнуваат во 20.45 часот.