Каролина Мицевска

Пролетно пладне. Сончево, не многу топло, ама сепак погодно за патување. Ние, мала група од околу 20 лица од цела Македонија, го започнавме нашето патување во откривање нови дестинации, нови градови. Патот со автобусот нѐ води преку Скопје, Куманово, кон граничниот премин Деве Баир со Бугарија. Полека се освојуваат километрите. Врвиме ноќе низ Бугарија и поголемиот дел на Романија. Првата дестинација е градот Јаши и посетата на Соборниот храм каде што се наоѓаат моштите на св. Петка. Дождливо време. Патот нѐ води кон северот на Романија, каде што се гледа драстичната разлика во поглед на уреденоста во однос на делот околу Букурешт, како да не е во ЕУ.

Кога пристигнавме во Јаши веќе врнеше, но тоа не нѐ спречи да ја почнеме нашата обиколка на овој еден од најзначајните градови на Романија, кој се наоѓа во историската покраина Молдавија. На поклонување пред светицата Јаши е најголемиот културен центар во Романија, североисточно од Букурешт. Првично имаш впечаток дека е помал град, но бројките кажуваат друго, дека во Јаши живеат над 300.000 жители. Откако водичката Билјана ни ја раскажа историјата на градот, се паркиравме на паркингот пред преубавото здание – Палатата на културата, за да го почнеме разгледувањето. Импозантната палата е зградата во која има 365 соби, најголема книжарница и четири музеи. Којзнае дали поради дождот или поради нешто друго немаше многу раздвиженост по улиците, особено централната. Дури и куќичките каде што се продаваат сувенири беа затворени. Разгледувајќи наоколу забележуваш дека Јаши бил некогашен кнежевски град.

Главната улица е пешачка зона на која одлево и оддесно се наоѓаат позначајните објекти. Главната цел ни е Соборниот храм на Митрополијата каде што се чуваат моштите на св. Петка. Палиме свеќа за здравје и влегуваме внатре. Немаше многу луѓе по завршената богослужба, па, така, имавме можност во тишина убаво да го разгледаме храмот. Извонредно здание во кое во 18 век се пренесени моштите на св. Петка, па затоа секогаш тука доаѓаат голем број туристи, за да ѝ се поклонат на светицата. Ги чувствуваш мирот и спокојот. Посетителите тоа утро чекаа да дојдат на ред за целивање. Се наредивме и ние. Се поклонивме. Дознавме дека можат да се забележат имињата на блиските за здравје и да се остават кај свештеникот, од кого добив дозвола да го овековечам чинот на поклонувањето на верниците, кои на овој начин ја покажуваат својата љубов. Излегуваме по престојот во соборниот храм и сe упатуваме кон другите цркви бидејќи во Јаши како верско средиште има многу цркви. Вреди да се посетат и црквата на свети три јераси и црквата на „Св. Никола“.

Во Јаши има театар што е најстар во Романија, опера, филхармонија, најстариот универзитет е тука, ботаничка градина и многу други знаменитости што неизбежно треба да се посетат. По прошетката и пиењето кафе во трговскиот центар веднаш до Палатата на културата следува и подготовка за патување кон Молдавија. Во престолнината некако и се живее, во помалите места е тешко И кога тргнавме за Молдавија дождот ситно паѓаше. Пред нас беа неколку часа патување за да стигнеме до втората дестинација – престолот на Молдавија – Кишињев. Првиот впечаток не е баш поволен. Се патува по неуредени патишта поголем дел од патот, што доволно говори дека е присутна сиромаштијата во државата. Колку наближуваме кон главниот град Кишињев сликата се менуваше.

Во градот влеговме во попладневните часови. Се сместивме во хотелот што го носи името на градот Кишињев. Огромно здание, но се гледа дека сѐ уште излегува од социјалистичките стеги и полека се обидува да се позиционира во туризмот. Бидејќи е приквечерина има прошетка само во околината, колку да се запознаеме со градот, кој сѐ уште ги носи карактеристиките на „советски социјалистички град“. Поразговаравме со неколкумина граѓани за да разбереме како живеат жителите на главниот град и во Молдавија, која својата независност ја стекна преку референдум во 1991 година, но сѐ уште не е сосема меѓународно признаена. Тие раскажуваат дека тешко е да се живее, особено во помалите места.

– Во Кишињев, пак, се живее некако, но во помалите места е тешко. Нема многу работа. Многу се ниски платите. Младите се снаоѓаат и заминуваат во западноевропските земји. Немаме многу туристи во градот. Градските власти сега се обидуваат да ја продадат приказната за Молдавија. Се надеваме на подобро утре – ни раскажува случајниот минувач, истакнувајќи ни што да вкусиме во националните ресторани.

Вечерната прошетка ја завршивме многу брзо. Се вративме во хотел да се одмориме за наредниот ден кога ќе ги откриваме убавините на Кишињев. Четврточното утро осамна убаво, сончево, погодно за прошетка. Пред хотелот нѐ пречека водичот Никола, со бугарско потекло, кој најпрво ни ја раскажа историјата на Молдавија, па нѐ прошета низ градот. Ни раскажа дека името „Молдавија“ потекнува од истоимената река Молдавија. Во 1359 година, долината на реката била политички центар каде што било основано и кнежевството на Молдавија. Потеклото на името на реката не е познато, но постои легенда по која кнезот Драгош ја именувал.

За време на еден лов на бизони неговото куче изнемоштено од ловот се удавило во реката. Тоа се викало Молда. Според Димитри Кантемир и Григор Уреке, реката го добила името по кучето, за чие име се чуло и во кнежевството. Молдавија има богата историја. Често потпаѓала под различни власти… Градот на 719 верски заедници Излегуваме на границата од Молдавија и нѐ пречекува уште еден граничен премин, овој пат на непризнаената Приднестровска Молдавска Република. Вкупно четири премини заедно со украинскиот. Тука мислиш дека времето застанало уште пред дваесетина години. Невообичаено долго трае контролата, ама сепак влеговме во Украина. Непрегледен предел. Не гледаш населени места ама од двете страни на патот, кој е дупка до дупка, иако е граничен, обработена земја.

Поглед на реката Днепар

До Киев нѐ чекаат пет-шест часа, од кои поголемиот дел е магистрален пат. Стигнуваме во градот во вечерните часови. Се сместивме во хотелот „Турист“, интересен објект на 23 ката. Иако уморни, сепак се упативме во ресторан да вечераме. Интересна понуда. По полноќ плаќаш една нарачка добиваш две за иста цена. Комплетно мени за неполни пет евра. Пријатна, топла атмосфера, ама и одлична услуга. По вечерта одмор, да собереме сили за следниот ден. Петочното утро осамна облачно. Во холот од хотелот нѐ пречека водичката Наталија, со која го поминавме поголемиот дел од денот. На почетокот ни раскажа за убавините на Киев, кој се наоѓа на северниот дел од земјата на реката Днепар, дека е важен индустриски, научен, образовен и културен центар на Источна Европа, дека е дом на голем број светски компании, високообразовни институции и светски познати знаменитости. Забележливо е дека Киев има висока инфраструктура и високоразвиен систем за јавен превоз, тролејбуси, трамваи, автобуси, вклучувајќи го и киевското метро, што е главен столб за јавен градски превоз во тримилионскиот град.

– Името се смета дека потекнува од Киј, еден од трите браќа што го основале градот. Во текот на својата историја, Киев опстојувал како еден од најстарите градови во Источна Европа. Најверојатно, градот постоел пред петтиот век и претставувал трговски центар, како и место што претставувало трговски град помеѓу Скандинавија и Константинопол. Градот бил престолнина на Киевска Русија… – ни раскажа Наталија. Обиколката почна од симболот на Киев – Лебедот што плови во паркот „Примаков“, во непосредната близина на реката Днепар. Оттука овозможен е фантастичен поглед на реката и новиот дел од градот, како и на споменикот „Мајка Родина“ – женска фигура со штит и меч, висок 102 метри, што е една од највисоките статуи во светот.

Околу споменикот има плоштад, но, за жал, поради лошите временски услови беше полн со снег и во неможност бевме да го посетиме и да уживаме во прекрасната глетка на целиот град. Продолжуваме со прошетката со автобус. Попатно Наталија ни раскажува за знаменитостите низ Киев – Националната опера, Драмскиот театар, многубројните цркви. Еден од позначајните објекти е Михајловскиот соборен манастир, светилиште за Киев и за цела Украина. Порано бил разрушен, се планирало да стане административен центар, но сега на општо задоволство на Украинците е исклучителен манастир, кој плени со својата убавина и духовност. Продолжуваме кон Андреевскиот храм од каде што уживав во фанатичниот поглед на реката, на мостовите, за потоа да го посетиме „Св. Владимирскиот храм“, главен објект на Украинската православна црква – Киевска патријаршија.

здание во неовизантиски стил, како надвор така и внатре, живописано од исклучителни уметници. Дознаваме дека во Киев од 2007 година има вкупно 719 верски заедници… Осамна и последниот дел од престојот во Киев. Студено саботно утро. Белина на сите страни. Ден предвиден за посета на Киево-печерската лавра, исклучително свето место за христијаните. Од 1990 година на списокот на светското наследство на УНЕСКО. Извонреден простор на кој се наоѓаат многубројни манастири основани од монахот Антониј во 11 век. Монашките пештери Киево-печерската лавра е историски православен христијански манастирски комплекс, кој претставува најстаро православно светилиште на Источните Словени, кое било основано во 1015 година. На влезот на комплексот водичката Наталија ни раскажува дека бил основан во времето на староукраинскиот кнез Јарослав Мудриот.

Објектот се наоѓа на два рида што гледаат кон реката Днепар. Манастирот е под контрола на Украинската православна црква – Московска патријаршија и Државниот музеј на Украина. Седиште е на митрополитот на украинската црква. Историјата е поврзана со т.н. Далечни и Блиски пештери во кои живееле монаси. Подоцна манастирот бил основан во 1051 година од Антони Печерски, кој е погребан во една од пештерите. Во другите пештери во следните години продолжиле да се погребуваат и другите монаси, за подоцна да почне изградбата на Успенската црква. Фреските, мозаиците и иконите биле направени од страна на константинополските зографи. При осветувањето на црквата, во неа биле положени моштите на свети Теодосиј Печерски. Бурни биле годините за комплексот како во средниот век, така и во 16 и 17 век. Во 1643 година имало канонизирано 69 светци.

Продолжила реконструкцијата на комплексот. Подземните ходници биле проширени, а ѕидовите обезбедени. Во советскиот период најпрво комплексот бил затворен, а подоцна претворен во музеј…Полека ја завршуваме неколкучасовната прошетка низ Киево-печерската лавра. Заминуваме од комплексот, но мислам дека она што го видов длабоко ќе остане врежано во моите сеќавања. Пред заминувањето од Киев го посетивме ресторанот „Царско село“ за да го почувствуваме украинскиот дух. А во Киев има што да се види и да се остане многу денови, ама овој пат толку.

Најважно, ја почувствувавме и видовме средновековната источнословенска цивилизација, како и современата украинска нација, која видливо се соочува со многубројни економски проблеми. Заминавме од Киев со мисла дека можеби еден ден повторно ќе се вратиме тука, да уживаме во убавините на Украина. Патот до дома траеше малку подолго, но она што го видовме ќе остане во сеќавање и ете мене ме предизвика да ги пишувам овие редови за читателите на „Нова Македонија“ да се запознаат со дел од источноевропските држави.