Јапонскиот уметник Татсуја Танака веќе седум години креира минијатурни модели што прикажуваат настани од секојдневниот живот, со помош на вообичаени предмети за домаќинството, од храна до електронски уреди.
Проектот го нарекол „Минијатурен календар“, бидејќи секој ден создава нов модел што содржи уникатни минијатурни фигури и приказни од секојдневниот живот, со користење вообичаени предмети за домаќинството, како што се храна, ткаенина, прибор за пишување, електронски уреди, па дури и маски
Танака започнал да ги создава овие модели во 2011 година, со цел да ги прикажува секојдневните сцени на забавен и уникатен начин и да додаде малку „уживање“ во секојдневниот живот.
Оттогаш, тој продолжува да ја ажурира својата содржина секојдневно, прикажувајќи сцени релевантни за сезоните и светските настани. Неговите изложби во Јапонија и во други земји досега привлекоа повеќе од 1,5 милион посетители.
Преку голем број фотографии може да се види како Татсуја користел различни предмети на креативен и генијален начин. Малите нешта што обично би ги превиделе, одеднаш стануваат монументални во животот на овие ликови. Ролна тоалетна хартија е стрмен водопад, а сламата служи како улично осветлување.
Уметникот често портретира познати анимирани ликови од „Драгон Бол“ или „Студио Џибли“. Целта на овие модели е да го подигнат расположението на луѓето и да ги прикажат убавите локации на уникатен и оригинален начин.
– Идејата дојде од коментар на Инстаграм, во кој следбеник ми напиша: „Сакам да гледам минијатурен календар секој ден“. Додека објавував нови содржини секој ден, самата идеја за проектот беше премногу добра за да се прекине по толку време – откри Танака.