Наградата на критиката ѝ е доделена на претставата „Царство небеско – епика балканика“

Претставата „Јами дистрикт“ во режија на Кокан Младеновиќ е добитник на седум награди на 63. издание на фестивалот „Стеријно позорје“, што се одржа од 26 мај до 3 јуни во Нови Сад. Оваа претстава, работена по текст на Милена Богавац, а реализирана како копродукција меѓу белградскиот „Битеф театар“, Центарот за култура од Тиват, фестивалот „Маск“ од Сегедин и новосадското „Тинк танк студио“, во Скопје пролетва ја освои наградата Гран при на 6. интернационален театарски фестивал „Лица без маски“.

Според белградски „Данас“, за „Јами дистрикт“, Милена Богавац е наградена со Стеријна награда за современ драмски текст, а Кокан Младеновиќ за режија.
Стеријните награди за актерско остварување ги добија: Бојан Жировиќ за улогата во претставата „Царство небеско – епика балканика“ во режија на Јернеј Лоренци, во продукција на Народниот театар од Белград и „Битеф театар“, Јелена Граовац и Нина Нешковиќ за улогата во претставата „Јами дистрикт“, како и Бојан Зеќевиќ за улогата на Емилија во претставата „… И други“ на Мина Ќириќ, Галина Максимовиќ, Неда Гојковиќ и Маша Радиќ, во режија на Стеван Бодрожа, во продукција на установата за култура „Вук Стефановиќ Караџиќ“ и фестивалот „Мерлинка“.
Стеријната награда на тркалезната маса на критиката едногласно ѝ е доделена на претставата „Царство небеско – епика балканика“.