Македонски манифест навреме укажа дека Европа ниту имала ниту има намера да нѐ прими. Нејзините намери очигледно се поинакви, да го заокружи Букурешкиот договор и да ги избрише Македонија и Македонците од етничката карта. Навреме укажавме дека договорите со Бугарија и со Грција се погубни, понижувачки, геноцидни и дека со нив не се отвораат портите на ЕУ, ниту се решаваат проблемите со соседите. Напротив, укажавме дека проблемите допрва доаѓаат. За жал, тоа и ни се случува. Студени тушеви, ниски удари и закани доаѓаат од сите страни. Денес мораме да кажеме и тоа дека не нѐ излажаа Макрон и Тимоние. Вистинските дипломати одамна ги разбраа пораките од Французите. Токму оваа сервилна и ненародна власт, заедно со нејзините недугави советници, аналитичари, бивши дипломати и новинари, упорно го лажеше македонскиот народ дека со потпишувањето на погубните договори се отвораат портите кон ЕУ и сите проблеми со соседите се решени, а идентитетот и јазикот се заштитени. Кажаа и излажаа. Пораките што ни доаѓаат од соседството само го потврдуваат тоа:

Бугарскиот парламент неодамна усвои декларација со која го негира македонскиот јазик и бара во ЕУ, наместо македонски, да се запише јазик што е предвиден со Уставот. Тие бараат да се запише безимен јазик. Нема сомнение дека тоа ќе го побараат и од ООН.
Грчките водечки политичари јасно ни кажаа дека со Преспанскиот договор не е признаена македонска нација, туку државјанство. За нив македонска нација и јазик не постојат. Тоа со дипломатска нота мораше да го потврди министерот за надворешни работи Димитров.

Поранешниот вицепремиер на Грција Евангелос Венизелос неодамна ја предупреди грчката јавност дека со недавањето датум за преговори од ЕУ за Македонија, загрозен бил Преспанскиот договор, затоа што Македонија сега не ќе мора (во согласност со чл. 1 точка 10) да го користи за домашна употреба терминот Северна, сѐ до отворањето на поглавјата. Човеков нѐ предупреди навреме.
А што правиме ние?

Нашава власт, на чело со Заев и Димитров, наместо да ги отвори, ги затвора очите и ја става главата во песок. Згора на тоа, трча предвреме да го исполни договорот, уште пред неговото достигнување. Како некому да му се брза да наплати некое побарување. За сите овие фашизоидни и геноцидни барања од соседите, кај нас има тотален молк, во МАНУ, Владата и парламентот. Состојбата налага жесток одговор, но одговор нема. Народот е загрижен, не знае чии интереси застапуваат овие институции.
Опозицијата исто така не ја интересира геноцидната и фашизоидна декларација на бугарскиот парламент, ниту фашизоидните настапи на официјална Атина. Тргнал Мицко низ Македонија да види што мисли народот. Очигледно има слаба меморија. Заборавил дека народот своето мислење го кажа на 30.9.2018 година, кога децидно кажа НЕ за ЕУ, НЕ за НАТО и НЕ за Преспанскиот договор. Со кое право и овластување денес и опозицијата се турка кон ЕУ и НАТО, не ни е јасно. Како да не се во прашање опстанокот на македонската држава и народ, мислат само како да дојдат на власт. Очигледно се помирија со Преспанскиот договор и го прифатија како реалност.
А македонскиот народ е измамен, обесчестен и напуштен од оние што ги гласаше. Народот е обезглавен, без вистински водач.

Македонски манифест јавно повикува:
Господине Заев, извади ја главата од песок. Краен момент е да се покаеш за гревовите за македонскиот народ конечно да си го врати достоинството. Тоа е можно само на еден начин. На едностраните уцени и закани да одговориш со едностран раскин на погубните договори и враќање на нашето исконско Име што е Праизвор на нашето постоење.
Господине Мицковски, лидер на опозиција може да биде само вистински маж – храбар и решителен. Вие не сте тоа. Трипати ветивте дека ќе го повикате народот пред собрание и трипати излажавте. Со својата млитава политика станавте коалициски партнер на Заев и соучесник во злосторството кон македонскиот народ. Затоа препуштете му го местото на некој вистински маж. Такви има во ВМРО.

Македонски народе, земи си ги работите во свои раце. Со силни и енергични, но мирни и достоинствени протести, да си ги земеме работите во свои раце. Само на тој начин може да се спречат Вавилонската блудница и нивните домашни измеќари – одродените политички елити, кои посветено работат на конечно бришење на македонската држава и народ. Само на овој начин може да се спречи враќање на сенките од минатото, од 1912/1913 година, кои ни донесоа толку многу зло и страдања.

Македонски манифест