Романот на Виктор Иго, „Ѕвонарот на Богородичната црква“, кој зборува за грбавиот ѕвонар на црквата, Квазимодо, и за неговата љубов кон циганската убавица Есмералда, се искачи на врвот на најпродавани книги на „Амазон“ во Франција. Разорниот пожар што го проголта покривот на париската славна катедрала доведе до поголема популарност на книгата на Иго.

Евтиното џебно издание на романот од 1831 година, кое во францускиот оригинал е насловено „Нотр Дам де Пари“, минатата недела беше најпродавано на „Амазон“. Четири други изданија на книгата исто така се најдоа во топ десет најпродавани книги, а меѓу нив се и книга за архитектурата и историјата на катедралата на група академици и црковни луѓе.

Се смета дека овој роман помогнал да се поттикне нов интерес за катедралата и ја поттикнал големата кампања за нејзина обнова што почнала во 1844 година. Кулата што се урна во пламенот датира од оваа реставрација.

Волшебната убавина и мистичност на црквата најдобро се видливи токму во романот на Иго, една од најубавите посвети на оваа катедрала некогаш напишани. Читајќи ги неговите реченици речиси можете да ја замислите прошетката низ секој дел на оваа посебна градба, дури и ако никогаш не сте ја посетиле. Сѐ во неговиот роман се одвива или во или во непосредната околина на црквата. Всушност, таа е посебен лик во романот, толку детално опишан што по читањето само посакувате барем на неколку минути да се вратите во минатото.