Фестивалот е едно големо шоу за талентирани момчиња и девојчиња, во кое учесниците имаат можност да ги покажат своите способности – вели директорот Марјан Катароски

По 19-ти пат во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 12 и 13 октомври (сабота и недела), ќе се одржи интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“, на кој ќе настапат учесници од Македонија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Русија, Казахстан, Малта, Украина… Настапите почнуваат од 19 часот.
Организаторите од „Естрада мултимедија центар“ велат дека „Ѕвездичките“ од целиот свет повторно ќе блеснат на сцената, бидејќи ова е најголемиот, најубави и највесел фестивал, кој е член на ВАФ (Ворлд асосиејшн од фестивалс).

Минатогодишните победници

Фестивалот продуцира детски хитови и од учесниците прави нови ѕвездички.
– Преку фестивалот се создаваат нови пријателства, децата се дружат, а се надминуваат и културните разлики меѓу децата од целиот свет. Фестивалот е едно големо шоу за талентирани момчиња и девојчиња, во кое учесниците имаат можност да ги покажат своите способности – вели директорот Марјан Катароски.

Така, деновиве во Прилеп е вистински празник, бидејќи децата, освен што се подготвуваат за настап, меѓусебно се дружат, се забавуваат, а имаат и можности да го разгледаат градот и да се запознаат со неговите знаменитости.