Во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 20 и 21 октомври, од 18 часот, ќе се одржи интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“. По 18-ти пат во Прилеп ќе допатуваат учесници од повеќе европски држави, меѓу кои од Русија, Украина, Србија, Унгарија. Хрватска, Казахстан, кои ќе се натпреваруваат исполнувајќи своја авторска композиција. В сабота е полуфиналето, а в недела финалната вечер.

Музичкиот фестивал „Ѕвездички“ е единствениот интернационален детски фестивал во Македонија, организиран од „Естрада мултимедија центар“. Фестивалот продуцира детски хитови и од децата учесници создава нови ѕвездички.

– Основната цел на фестивалот не е само настап на учесниците туку и овозможување да создадат пријателства, да се дружат врз основа на меѓусебна толеранција и разбирање, како и надминување на културните разлики помеѓу момчињата и девојчињата од целиот свет. Фестивалот е едно големо шоу за деца на кое учесниците имаат можност да ги покажат своите способности. Горди сме што годинава фестивалот станува полнолетен – вели директорот Марјан Катароски.

Во текот на трите фестивалски дена во Прилеп е вистински празник, бидејќи децата меѓусебно се дружат, се забавуваат, разменуваат искуства. Според најавата на организаторот, освен официјалниот дел, на фестивалот ќе има и вечер на национални кујни, како и македонска вечер, а гостите ќе бидат запознаени и со знаменитостите на градот.