Коалицијата „За добро на граѓаните на Подгорица“ на Мило Ѓукановиќ, оствари убедлива победа на локалните избори во Подгорица, со освоени 47,9 отсто, покажуваат податоците на Центарот за демократска транзиција, по 100 отсто обработени податоци.

Коалицијата, чиј носител на листа е Иван Вуковиќ освои 32 мандата во градскиот парламент, јави РТЦГ. Коалицијата Подгорица за 21 век, во која се демократите и УРА, освои 25,5 отсто гласа, односно 17 мандати додека коалицијата Демократски фронт – СНП, освои 12,2 отсто, односно осум мандати. На социјалдемократите им припаднаа три мандати, а на Албанска алтернатива со освоени 1,6 отсто гласа – едно одборничко место во Собранието на Подгорица.

Лидерот на Демократска Црна Гора, Алекса Бечиќ, оцени дека локалните избори во Црна Гора повеќе потсетувале на избори во Сомалија или во Камбоџа отколку во земја-кандидат за Европската Унија.
– Денешниот изборен ден мина во антидемократски амбиент – оцени Бечиќ.
Тој оцени дека на локалните избори имало и голем број апстиненти.
– Причина за помалиот одѕив веројатно е замореноста на избирачкото тело од постојаните изборни процеси, поради што и побарав спојување на претседателските и локалните избори – рече Бечиќ.
Локалните избори беа одржани завчера во Подгорица и во уште 10 општини во Црна Гора. На изборите право на глас имаа 306.722 лица, што претставува речиси 60 проценти од вкупниот број избирачи во Црна Гора.