На Бадник, кога во сите христијански семејства со радост се подготвува бадниковата вечера, кавадаречкиот Дедо Мраз, Ѓорѓи Вареловски, ги посети семејства од селата Дреново и Марена, за да им ги однесе пакетите со храна и средства за хигиена. Веќе трета година средствата што ги донираат граѓаните при посетата на неговиот дом, Ѓорѓи во соработка со Центарот за социјални работи во Кавадарци дарува социјално загрозени семејства.

Пресреќен сум што донесов радост во овие две семејства и што имав можност да им донесам малку храна за божиќната трпеза. Покрај овие семејства, бев и во Глишиќ и во Кавадарци и им поделив пакетчиња на децата што ги сретнав на улица. Ме радува што мојата дедомразовска приказна е сѐ поприфатена од граѓаните што ми помагаат и донираат. Оваа година две семејства донираа по 50 пакетчиња. Покрај учениците што ги поканив од Делчево, имав посетители речиси од цела Македонија, од: Кочани, Гостивар, Тетово, Прилеп, Битола, Гевгелија, Штип, Радовиш. Ми дојдоа дури и дечиња што за време на празниците престојуваа во Македонија, и тоа од Германија, Австралија, Австрија и од Луксембург. Нивната радост и силните прегратки за мене беа нешто најубаво. Ми пееја песнички, ми раскажуваа за земјите во кои живеат и дека таму нема толку убаво украсен дом на Дедо Мраз. Ако минатата година поделив околу 1.000 пакетчиња, нивниот број годинава изнесуваше 1.500, а домот на Дедо Мраз го посетија околу 4.000 посетители, што е најголема бројка досега во изминатите 21 година – вели Ѓорѓи Вареловски.

Тој вети дека веќе има нови идеи за следната Нова година.