Фото: Дарко Андоновски

Со раката, со зглобот сѐ е во ред, но понекогаш при бекхенд-ударите чувствувам мала непријатност, која, верувам, со текот на времето ќе ја снема. Очекувам до крајот на месецов да почнам да тренирам со полн интензитет, вели Ѓорческа

Наместо за почетокот на овој месец, враќањето на терените, на официјалните турнири и натпревари, најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа (23) ќе мора да го одложи најмалку за еден месец. Повредата на зглобот на левата рака се покажа покомплицирана отколку што изгледаше првично. Поради тоа Ѓорческа, по гранслем-турнирот лани во Њујорк, практично и не играше, се лекуваше, па откако тоа не даде плод, во декември мораше да го оперира зглобот во една специјализира клиника во Минхен. Операцијата беше успешна, по што следуваше едномесечно мирување, со раката во гипсена лонгета. Кога се чинеше дека сѐ е во ред, при контролата во Минхен беше утврдено дека се јавило некакво воспаление на зглобот поради долгото мирување и неактивноста.

– Не е сѐ како што посакувам, рехабилитацијата малку се оддолжи, но работите одат на подобро. Тоа значи дека продолжувам со редовните вежби кај физиотерапевт во Скопје, а од пред неколку недели почнав и со полесни тренинзи. Со раката, со зглобот е во ред, но понекогаш при бекхенд-ударите чувствувам мала непријатност, која, верувам, со текот на времето ќе ја снема. Очекувам до крајот на месецов да почнам да тренирам со полн интензитет, а за натпревари и турнири ќе видиме, не сакам ништо да прогнозирам, само да биде со раката како порано – вели Ѓорческа.

Ѓорческа практично е надвор од тениските терени повеќе од половина година. Последниот официјален настап ѝ беше на Отвореното првенство на САД во Њујорк, кон крајот на август во 2017 година. Таму едвај го одигра квалификацискиот меч, а поради болките во зглобот едвај го држеше рекетот. Неиграњето на турнирите значеше и пад на ВТА-листата. Во поединечна конкуренција, од 170-то место на 12 јуни 2017 на сегашното 295-то, а во двојки од 116-ти на 386-то.

– Верувајте, не знам на која позиција сум моментално, воопшто не сакам да ја видам ранг-листата. Доволни ми се нервозите и фрустрациите поради повредата и неиграњето, дополнителни нервози не ми требаат. Посакувам што побрзо да почнам со настапите на турнирите, а поените и другото што оди со тоа ќе си дојдат сами по себе. Кога повторно на турнири? Не знам навистина. Сѐ ќе зависи од текот на рехабилитацијата, како ќе реагира зглобот при максималното оптоварување. Не сакам да си поставувам какви било рокови. И онака помина многу време од последните посериозни натпревари кога бев целосно здрава, некаде ланилето.

Потоа само проблеми, лекување, операција. Верувам дека сево ова наскоро ќе заврши и повторно ќе играм тенис со полн капацитет – вели Ѓорческа. Во втората половина од јуни се Медитеранските игри (МИ) во шпанската Тарагона, на кои вторпат ќе настапат и спортисти од Македонија. Една од кандидатките да ја претставува Македонија таму е и Ѓорческа, која е и олимписка стипендистка на Македонскиот олимписки комитет (МОК) за Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио. – Не знам што ќе биде со настапот во Тарагона, сѐ ќе зависи од тоа како ќе се одвива мојата рехабилитација и евентуалниот распоред на турнирите. До Токио има време, се надевам дека проблемите со повредите ќе ме одминуваат и ќе успеам да се квалификувам на тоа големо светско натпреварување – истакнува Ѓорческа.