Што предизвикува раната депривација од родителска грижа

За едно дете депривирано од родителска грижа да се развие во здрава, емоционално стабилна и интелигентна личност потребна е голема посветеност од оние што ја заменуваат мајката.
Секако дека најдобро е ваквите деца рано да се посвојуваат во соодветни семејства. Но ако веќе организираме институционално сместување, неопходен е добар избор на луѓето што ќе ја заменуваат мајката (и таткото)…

Деновиве што изминаа, целата македонска јавност беше вознемирена од случувањата со малолетничката злоупотреба во еден од домовите за згрижување деца без соодветна родителска грижа. Она што дојде до јавноста воопшто не е ново ниту сензационално: вакви и многу потешки злоупотреби опишани се во текот на децении и столетија во минатото. Само да се потсетиме на „Оливер Твист“, „Клетници“ и слични творби од големи писатели во кои безмилосно се откриваат случувањата во институциите каде што престојуваат деца лишени од родителска грижа. Во едно од моите скорешни написи, зборував за битната улога на емоционалната врска помеѓу мајката и детето, како основа за невропсихолошки развиток на битни мозочни структури. Многупати сум апелирала на свесна посветеност за обезбедување квалитетно емоционално јадро помеѓу мајката (хранителката) и малото дете. Уште повеќе што ваквата дијада се учи според модел!
Всушност, во животот ништо не се случува случајно – сѐ има зошто, како и каде!
Во денешниот напис ќе се осврнам на некои научни сознанија поврзани со последиците на раната депривација од родителска грижа кај најмалите.

Група научници објавија студија во угледното списание „Мозочни снимки и поведение“ за наодите добиени од испитаници што биле рано одделени од родителите поради разни причини (смрт, развод, социјални проблеми итн).

Основни карактеристики на фенотип (видливо однесување) кај децата пораснати во сиропиталишта бил постоење невнимание и зголемена активност. Иако се претпоставувало дека причина за ваквото однесување се невролошки карактеристики, сепак дотогаш немало валидни истражувања што би ја потврдиле оваа претпоставка. Во неколку претходни студии било нагласувано дека постојат битни разлики во невралната структура кај деца одгледувани во сиропиталишта од оние што растат во нормални семејства, но сепак вистински показатели не биле најдени.

Во минатите децении, како вистински хит во невронауката стана истражувањето на растројството означено како АДХД (дефицит на внимание со хиперактивност), особено инволвираноста на фронталните регии на мозокот (таканаречени егзекутивни региони) како основа на растројството. Во таа насока, волуметриските студии со помош на магнетна резонанца потврдиле абнормални големини на сивата маса и опашестото јадро (н. каудатум), додека слични студии потврдиле намален структурен интегритет во белата маса на овие мозочни региони.

Во студијата за која зборувам денес, основна цел било да се најде разлика во поврзаноста на региите на фронталниот кортекс кај деца со рана депривација од родителска грижа и оние што растат во здрави семејства. Испитуваната група потекнувала од Источна Европа и Азија, а децата биле посвоени во САД. Сосема е логично дека вакви истражувања се возможни во високоразвиена, технолошки опремена и со висока наука, земја како што е САД.

Уште погледот врз основните демографски карактеристики на двете испитувани групи деца покажува големи разлики: децата со рана депривација имале помала телесна маса, помал коефициент на интелигенција, проблем со одржување на вниманието, биле повеќе хиперактивни и поимпулсивни од „нормалните“ деца. Од друга страна, податоците што се добиле за возраста на мајките покажале слични особености (слична возраст, образование).

За испитување на двете групи деца користена била опсежна батерија од невропсихолошки тестови, а дополнително и специјални протоколи за испитување на мозокот со помош на магнетна резонанца. Користејќи математичка анализа биле најдени значајни разлики во поврзаноста на невралните ленти во десната и левата мозочна половина со параметрите во однесувањето: невнимание, импулсивност и хиперактивност. Генерално, резултатите добиени од оваа група научници покажале дека постои ненормална поврзаност на делови од фронто-стријатниот регион на мозокот кај децата со рана депривација од родителска грижа. Ваквите промени биле понагласени во десната хемисфера што е во сооднос со екстернализираните симптоми (импулсивност, хиперактивност и невнимание). Слични наоди се добиени од истражувања кај деца со идиопатски синдром на невнимание со хиперактивност.

Научниците овие наоди ги толкуваат со недоволно прочистување („прунинг“) на нервните мрежи во текот на матурацијата. Кај децата со родителска депривација ова дефицитарно прочистување е толкувано како последица од смалена стимулација за развој на говорот како и регулација на емоционалните реакции кај децата од страна на негувателите. Кај децата од сиропиталишта овие промени, можеби, се поврзани и со состојбите на хроничен стрес на кои тие биле подложени.

Ако се вратиме на нашата тема: зошто се случувале вакви злоупотреби во нашиве институции за згрижување, тогаш можеби се наметнува заклучок за неврална основа на одредени поведенија кај децата што биле поттик за нивна злоупотреба. Секако, тоа не ги оправдува ноншалантноста и недоволната посветеност на оние што се платени да заменат родители!

За едно дете депривирано од родителска грижа да се развие во здрава, емоционално стабилна и интелигентна личност потребна е голема посветеност од оние што ја заменуваат мајката. Секако дека најдобро е ваквите деца рано да се посвојуваат во соодветни семејства. Но ако веќе организираме институционално сместување, неопходен е добар избор на луѓето што ќе ја заменуваат мајката (и таткото) за да нема вакви дефинитивни последици. Овој став важи и за сите други места каде што се децата во прашање (градинки, јасли, училишта, спортски клубови, здравствени установи). Стручен тим, со подготвеност, емпатија и одговорност треба да биде селектор на луѓето на кои ќе им дадеме одговорна функција – грижа за малите деца. Најпосле, редно е веќе во оваа наша земја кадрите да се избираат по валидни критериуми, а не преку партиска припадност или непотизам.

(Авторката е академик)