Многу од современите куќи се карактеризираат со едноставен изглед и чисти линии. За разлика од куќите во минатото, денешната декорација е речиси минимална. Преовладува мотото „помалку е повеќе“, а акцентот е ставен на функционалноста

Модерниот архитектонски дизајн секојдневно се развива и унапредува. Современото градење создава некои нови правила, кои се применуваат низ целиот свет. Ова се петте главни заеднички карактеристики на најсовремените куќи на планетава.

Чисти линии и минимална декорација

Многу од современите куќи се карактеризираат со едноставен изглед и чисти линии. За разлика од куќите во минатото, денешната декорација е речиси минимална. Преовладува мотото „помалку е повеќе“, а акцентот е ставен на функционалноста. Новите куќи имаат прави линии и едноставни форми, каде што многу се внимава на директната поврзаност со надворешноста. Така, многу е важно во просториите да има изобилство сончева светлина, а повеќе од кога било уживаме и во можноста за прекрасен поглед низ прозорецот или терасата.

Отворен простор

Кога влегувате во постарите станови или куќи, веројатно најпрвин ќе забележите дека просториите се помали и поделени во неколку одделни соби, помеѓу кои има ѕидови и врати. Од друга страна, најсовремените куќи во светот се препознатливи по заедничкиот феномен, наречен „плански отворен простор“.
Во последниве децении тоа е, секако, еден од најголемите трендови на полето на внатрешниот дизајн. Плански отворениот стан или куќа спојуваат повеќе простории за живеење во една заедничка. Веројатно сите сме биле во нечие живеалиште, каде што кујната, трпезаријата и дневната соба се спојуваат во еден голем дневен престој. Оваа комбинација е и најчеста кога зборуваме за отворени простори во домот. Технолошките достигнувања ни овозможуваат да уживаме во сите предности што ни ги нуди отворениот животен простор. Станот во кој нема да има внатрешни ѕидови и врати е одлично решение, ако сакаме тој да изгледа поголемо и посветло. Плански отворениот дом доби популарност и поради социјалниот момент, сите членови на домаќинството може истовремено да бидат заедно и да се дружат во една заедничка просторија.

Невообичаени материјали за градба

Современата архитектура е непредвидлива и веќе ги надминува сите општопознати граници. Тенденцијата да не се почитуваат никакви правила е очигледна и во изборот и употребата на градежни материјали. Најмодерните куќи во светот се препознатливи по употребата на различни, необични материјали. Стаклото е особено популарно, а сѐ почесто се употребуваат и природни материјали, какви што се дрвото, каменот или бамбусот. Евидентна е хармонијата со природата и во случајот со огромните прозорци и стаклени врати, преку кои барем дел од надворешниот свет успева да навлезе во внатрешноста на домот. Дури и тулите се враќаат во форма на внатрешни ѕидови или прегради. Таквите ѕидови стануваат сѐ поомилен декоративен елемент, кој му дава особена топлина и уникатна рустикалност на домот.
Рамен покрив

Заборавете на класичните покриви и запознајте ги оние рамните, кои се видливи само од птичја перспектива. Токму овој вид покрив на куќата ѝ дава чист, уникатен, минимален и естетски пријатен надворешен изглед. Тој е еден од клучните елементи на современата архитектура. Наедно, рамните покриви нудат уште една дополнителна предност, а тоа е можноста да ги користиме и како пешачки површини (на пример, покривни градини, тераси или платформи за паркирање автомобили).

Употреба на паметна технологија

Паметната технологија има свој удел речиси во сите аспекти на домашното живеење. Почнувајќи од паметни брави, разновидни термостати, машини за садови и алишта, преку видео и стереоуреди, алармни будилници, па до паметни фрижидери и врати, но и многу повеќе од тоа. Вградувањето паметна технологија носи голем број придобивки за сопствениците, како што се заштеда на енергија, зголемена безбедност и поедноставно домување. Самата инсталација обично е едноставна и лесна, а цените секојдневно стануваат сѐ попристапни за просечната популација. В.Б.Н.