Државите од Европа, па дури и од најблиското соседство на Македонија, иако под безбедносен чадор на НАТО, сепак, посакуваат и бараат американско воено присуство на својата територија, при што некои од нив се подготвени дури и дебело да платат за тоа

Во моменти кога Македонија пробува дипломатски, обидувајќи се да го надмине спорот за името со Грција, да ја осигури својата безбедност преку зачленување во НАТО, некои држави од Европа, но и oд регионот, настојуваат истата цел да ја остварат преку отворање воени бази и воени инсталации на САД на својата територија.
Имено, најнесекојдневен пример за ова беше регистриран минатата недела, кога Полска побара од САД да изградат постојана воена база на нејзина територија, изразувајќи притоа подготвеност за тоа да плати две милијарди долари. Како што пренесоа медиумите, Варшава сака САД на тој начин да ја заштитат од можни напади на Русија.
– Според предлогот што произлезе од Министерството за одбрана на Полска, Варшава е подготвена да ѝ понуди пари на Америка за постојана американска воена база на својата територија. Обврска на земјата би била да обезбеди значителна поддршка, која би можела да достигне од 1,5 до 2 милијарди долари, преку изградба на заеднички воени објекти и осигурување полесно преместување на американските сили – пишува „Политико“.

Според магазинот, желбата на Варшава за американската чизма на своја територија датира од влезот на Полска во НАТО во 1999 година, но сега е дополнително зајакната поради анексијата на Крим од страна на Русија пред четири години и агресивниот став кон Алијансата, а оваа иницијатива доаѓа само еден месец пред лидерите на НАТО да се соберат на самитот во Брисел.
„Политико“ напоменува дека ова сигурно ќе ја вознемири Русија, а европските сојузници што сакаат да ги подобрат односите со Москва, како што се Италија, а понекогаш и Германија, ќе бидат скептични кон барањето.
– Канцеларијата за медиуми на Министерството за одбрана на Полска потврди дека работниот документ со наслов „Предлог за постојано присуство на САД во Полска“ е веродостоен и рече дека тој не е класифициран како „доверлив“, а предлогот веќе бил испратен до Белата куќа и до Конгресот на САД – пишува магазинот.
Според весникот, документот содржи информации за предложената локација на воени бази, за болници, вклучувајќи го и нивниот капацитет, за можно училиште, па дури и за фитнес-сали за семејствата на персоналот на воените бази.
Од друга стана, и на Балканот во текот на изминатиот месец беше регистрирана слична идеја за отворање постојана американска база, но без финансиски надомест како во полскиот случај. Како што информира Ал џезаира, Албанија, загрижена за ситуацијата на Балканскиот Полуостров, инсистира САД да создадат база на нејзина територија.

– Загрижени сме во врска со опасностите со кои се соочува нашиот регион и сметаме дека е многу важно НАТО и САД да му дадат поголемо значење на она што се случува на Балканот – изјави албанската министерка за одбрана Олта Џачка.
Таа предлага изградба на поморска база крај Јадранско Море за да се спречат заканите од Русија, но и од Кина, Иран и од Турција.
Во контекст на овие случувања, за нотирање е фактот дека на Балканот, Америка надвор од НАТО, свои воени инсталации од различна намена има: три во Бугарија, две во Турција и по една во Грција и во Косово.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски објаснува дека отворањето на воените бази на САД во некоја земја никако не може да се спореди со безбедносните гаранции што ги овозможува членството во НАТО.
Тој вели дека САД се и онака најголем македонски стратегиски партнер во областа на безбедноста и доколку Македонија има можност и таа би требала да се приклучи кон ваквиот европски и балкански тренд за повикување Вашингтон да отвори воена база на наша територија. Тие, како што објаснува Стефаноски, се аргумент плус за безбедноста, иако не се комплетна замена за функцијата на заштитата што ја нуди и овозможува чадорот на НАТО.

– Дополнително, она што е интересно во оваа слика е што и Полска и Албанија веќе се членки на сојузот, што значи нивната државна безбедност е веќе и онака стабилна. Иницијативата за постојана американска база само го бетонира процесот на стабилноста во овие незгодни времиња – вели аналитичарот.
Стефановски додава и уште еден агол на приказната, со кој објаснува дека доколку се отвори воена американска база во некоја земја, таа истовремено е и многу доходовна за локалното население.
– Платите на цивилите што ќе бидат вработени во овие бази, како на пример во Бондстил во соседно Косово, ќе бидат огромни, а локалната економија ќе порасне. Дополнително, илјадниците или стотиците американски војници што ќе се стационирани во овие бази ќе трошат пари во локалната економија – истакнува Стефаноски.