Што е добро за мозочното здравје, а што не?

Во овие врели летни периоди трудете се да живеете активно, со добар внес на чиста пивка вода и природна храна, без да се оптоварувате со дополнителни суплементи, а притоа заштедете го и вашиот џеб! Не заборавете, фармацевтската индустрија е една од најмоќните и таа има цел добра заработувачка

Еволуциониот тек ја одредува должината на животниот век, и тоа е несомнен факт. Поради подобрените услови на живот во последниве децении се забележува поместување на старосната граница, па во многу земји, особено оние со поразвиен стандард и технологии, луѓето доживуваат длабока старост. Со тоа, се зголемува појавата на разни дегенеративни болести, од кои деменцијата е на прво место.

Според медицинските статистики, двете најчести заболувања што го нарушуваат здравјето кај постарата популација секако дека се артериската хипертензија и деменцијата. Во групата деменции, Алцхајмеровата деменција е најчестата и најтешка форма и таа предизвикува дегенерација и, конечно, сигурна смрт на мозочните клетки.

Од друга страна, артериската хипертензија, независно од нејзината причина, е голем ризик за страдање на срцевата работа (можност за инфаркт), за мозокот (шлог или мозочен удар) и за бубрезите.
Најновото откритие во невронауката е дека луѓето што се лекуваат со „нивалдепин“ (еремфат) поради хипертензија имаат многу помали ризици за страдање од Алцхајмерова деменција. Ова откритие е објавено во најновото издание на списанието „Хипертензија“.

Нивалдепинот претставува блокатор на калциумовите канали, а како последица настанува релаксирање на крвните жили со консекутивно намалување на крвниот притисок. Препаратите на база на калциумова блокада нашироко се применуваат во лекувањето на артериската хипертензија насекаде во светот, па и кај нас.
Во една контролирана студија изведена во Холандија научниците им давале „нивалдепин“ на луѓе што веќе пројавиле деменција и на друга група, на која ѝ давале плацебо. Пред и по шест месеци од студијата биле правени мозочни снимања со функционална магнетна резонанса.

Добиените наоди покажале дека кај 20 отсто од испитаниците што примале „нивалдепин“ бил зголемен крвниот проток во хипокампусот, мозочна регија што е одговорна за меморија и за учење. Третманот немал никаков ефект на другите региони во мозокот.

Во претходни студии изведени во Европа, во кои учествувале над 500 испитаници, во периодот 2013-2015 година не е добиен доказ за промени во мозокот по употреба на овој препарат, освен што испитаниците јасно покажале стагнирање на симптомите на деменција во овој период. Напротив, во најновата студија, која вклучувала многу помал број испитаници, но кои биле од иста раса и етникум, докажани биле промени во крвниот проток во мозокот токму како резултат на примање „нивалдепин“.
Секако дека понатамошните истражувања треба ваквите наоди да ги потврдат на поголем број испитаници, што бара поголеми материјални вложувања зашто студиите на мозокот секогаш се скапи.

За да се зачуваат когнитивните функции и да се намали можноста од појава на деменција, денес фармацевтската индустрија пласира на потрошувачкиот пазар илјадници суплементи. За сите нив, во препораките стои дека ги зачувуваат мозочното здравје и добросостојба. Но дали е тоа токму така?

Една најнова студија во Америка била посветена токму на истражување на 50 суплементи што фармацевтската индустрија ги рекламирала како битни во превенција против деменција. Овие додатоци на исхраната консумирале многу милиони долари од џебот на корисниците. Сепак, ФДА (агенцијата што ги одобрува лековите во САД) не ги прифаќа овие суплементи како неопходни лекови. Самите потрошувачи, по своја волја, ги купуваат и консумираат, без да го покрива здравството тоа!
Студијата покажала дека сите луѓе што нормално се хранат немаат потреба од дополнителен внес на витамини и минерали, зашто тие се содржани во нормалната исхрана. Сепак, исклучок е витаминот Б12, кој потешко се ресорбира во гастроинтестиналниот систем, па затоа невролозите го препорачуваат како додаток кај постарата популација.

Меѓутоа, тргнувајќи од ставот „повеќе е подобро“, луѓето претпочитаат да си купуваат и користат витамини и минерали во изобилство. Тоа е сосема погрешно! Прво, поради фактот дека во нашиот организам постои одредено количество на овие материи што се апсорбира, додека другиот вишок се исфрла неупотребен. Значи, додатокот во исхраната всушност воопшто не се апсорбира. Второ, постои група на овие супстанции што ако се предозираат, можат да предизвикаат штета, во смисла на токсичен ефект или дури болест. Ова особено се однесува на витамините А, Д, Е и К.

Од друга страна, препарати што содржат гинко билоба најмногу се рекламираат за обезбедување мозочно здравје. И ова е доста погрешно, зашто нема научни докази за ефектот на оваа билка кај мозочните страдања. Од друга страна, во препаратите што се рекламираат многу се мали количествата на гинко билоба, а има многу штетни дополнителни супстанции.

Исто така, многу се нагласува неопходноста од антиоксиданти за превенирање на мозочни пропаѓања. И ова е доста климаво тврдење, зашто нема студија што потврдува дека антиоксидантите во форма на таблети имаат некаква корист. Од друга страна, антиоксидантите што се содржани во природната исхрана имаат добар и потврден ефект. Ова многупати е докажано кај луѓето што се на таканаречена медитеранска исхрана.

Според тоа, ако се храните на природен начин со храна што е географски соодветна за вашиот организам, сосема се доволни количествата на антиоксиданти, витамини и минерали за да обезбедите добра меморија и интелектуални функции.
Затоа, во овие врели летни периоди, трудете се да живеете активно, со добар внес на чиста пивка вода и природна храна, без да се оптоварувате со дополнителни суплементи, а притоа заштедете го и вашиот џеб! Не заборавете, фармацевтската индустрија е една од најмоќните и таа има цел добра заработувачка, независно од тоа колку рекламираните производи се добри или штетни.