Деновиве на голема врата, од многу високи државни функционери од регионов, со право повторно се реактуализира ова прашање. Очигледно последиците се далекосежни и имаат потенцијал да влијаат на генерации деца и млади, не само во Србија и во Косово, каде што НАТО пред речиси 20 години исфрли канонада бомби со осиромашен ураниум, туку и во регионот, вклучувајќи ја и Македонија

Речиси 20 години се поминати од воената кампања на НАТО над тогашна СР Југославија, односно Србија. Последици на воен, политички, економски, етнички и друг план секако дека се случија. Дури и меѓународното право беше прекршено и беше направен преседан спротивен на СБ на ОН. Но и „хуманиот“ аспект на кампањата остана крајно проблематичен. Имено, прашањата околу етичноста на бомбардирањето со употребата на осиромашен ураниум останаа неодговорени до денес, иако постојат повеќе издржани научни истражувања со индикатори, кои покажуваат како радиоактивноста на осиромашениот ураниум влијаела врз локалното население, но и страшно како бумеранг влијаела и врз учесниците во странските воени мисии во Косово, односно Србија. Очигледно последиците се далекосежни и имаат потенцијал да влијаат на генерации деца и млади и не само во Србија и во Косово, туку и во регионот, вклучувајќи ја и Македонија.

Деновиве на голема врата, од многу високи државни функционери од регионов, со право повторно се реактуализира ова прашање.
Имено, претседателот на Србија, Александар Вучиќ на отворањето на најновата и современа клиника за третман на канцер односно тумор, Онкологија 2, изјави дека лекарите и другите експерти се согласни дека осиромашениот ураниум е еден од причинителите за зголемување на бројот на заболени од рак, посебно кај децата.
Вучиќ притоа додаде дека постоеле низа истражувања и индикатори дека за сето ова е виновно бомбардирањето на Србија во 1999 година, но секако дека една од причините е осиромашениот ураниум што беше „фрлен“ тогаш врз неговата земја. Како што истакна, останува да се види дали ќе успеат да ги докажат ваквите тврдења, бидејќи многу време е минато и многу нешта се „испрани“ и завршиле којзнае каде, но дека тие како држава ќе продолжат сериозно да се занимаваат со овој проблем.
Хрватската писателка, колумнистка и блогерка, Ведрана Рудан својот последен блог му го посвети токму на српскиот претседател Александар Вучиќ. Блогот е под наслов „Гуд морнинг Вучиќ“.

– Кога станува збор за оваа тема, го поздравувам потегот на господин Вучиќ. Секоја чест. Тој е прв и единствен на овие простори на Југославија што изговори „осиромашен ураниум“ кога во Белград ја отвораше „Онкологија 2“. Другите водачи на просторот на Југославија молчат на таа тема, бидејќи се на платниот список на „сејачите на осиромашен ураниум“.
Со години пишувам што ни сторија Американците посипувајќи нѐ со осиромашен ураниум. Во идните неколку милијарди години на овие простори ракот ќе биде она што најуспешно ќе никнува. Косово, Србија, БиХ, Хрватска, со нагласок на Косово, Србија и БиХ се неоградени концентрациони логори. Луѓето во нив умираат во најстрашни маки и тука отворањето на Онкологија 2 нема многу да им помогне. Треба да се отвори и онкологија 3, 4, 5, 6, 7, 8, 100, 300… Попусто.

За незнајковците. Што ни направија Американците? Клинтон ја заклучи крвавата војна на Балканот со одлуката „впрочем сите Југословени треба да се потепаат“. И така стана. Некои цркнуваат во најстрашни маки, други не знаат дека ќе цркнат бидејќи немаат пари за приватни прегледи, трети ќе цркнат во татковата сперма, четврти во мајчиниот стомак, петтите се нашите прапраправнуци, кои ќе бидат потомци на цркнатите предци збогатени со осиромашениот ураниум.
Каде ми се доказите? Не сме единствени што Американците ги осудиле на агонија долга неколку милијарди години. Ирачаните не минаа подобро. Ниту Американците што ги гаѓаа. Денес американските војници што војуваа во Ирак се обидуваат да ги одржат во живот своите ретардирани и осакатени деца. Италијанските војници на Косово минаа некое време по американските напади. Нивните роднини кренаа врева кога тие почнаа да умираат еден по друг. Истата судбина ја доживеаја италијанските војници што ги „чистеа“ терените во БиХ.

На Косово, веројатно бидејќи не разговарал со татко си, предолго се задржал и синот на некогашниот потпретседател на Америка, Џозеф Бајден. Умре од леукемија како и оние италијанските војници. Додуша, можеби е тоа сепак само случајност, божја казна за таткото што се занимава со најодвратната политика во историјата на човештвото?
Кој се грижи за геноцидираните Хрвати и Хрватки, од ракот изгризените дечиња? Нашите политичари се занимаваат, откако „ја имаме Хрватска“, само со богатење – вели таа.
Таа пишува дека е згрозена од фактот дека околу неа секојдневно млади луѓе умираат во толкав број и дека тоа баш никому не му е тема.
– Во Хрватска уште не е отворена онкологија 2, нема ни да биде. Нашиот премиер нема намера „да им се приближи на Русите“. Мисли, погрешно мисли, дека ракот ќе ги одмине неговите дечиња бидејќи моќта и парите лекуваат сѐ. Хрватските лекари, оние малобројните што сѐ уште останаа овде, не би се согласиле со него.

Ве слушам. Што предлагаш, кога си толку паметна, како да морам нешто да предложам. Не морам јас да нудам рецепти за ништо, но, ајде, нека ви биде, го нудам. Сите водачи на „државите“ што се создадоа по распаѓањето на Југославија би требало да се состанат и во име на своите народи да го осудат најголемиот геноцид извршен некогаш во Европа. Да се бара отштета од Америка, која изврши воено злосторство. Да ѝ се предложи монструмите од Клинтон па натаму, да ги запраши со осиромашен ураниум. Ха, ха, ха. Јасно ми е дека сум луда. Од осиромашениот ураниум. Затоа ми паѓа на ум дека денес е целосно небитно кој кого колеше овде 1941-та. Колкумина загинаа во Јасеновац, а колку во Блајбург. Кои се четниците, а кои усташите. Баш ме заболе.
Гледате како влијае американскиот ураниум? Сите вие што секојдневно не одите на аџилак во некоја од хрватските детски или оние другите онкологии, не знаете за што пишувам. Ќе дознаете. Сите! Сакав да напишам, проклети Американци. Колку сум будала. Моментално се смеам хистерично. На нашите народи да им порачаш да се побунат против вистинскиот непријател сѐ додека има усташи и четници само е лаење на месечина.
Па сепак, ете, Вучиќ го спомна „осиромашениот ураниум“. Единствен. Браво Вучиќ! Браво! Како, не сфаќате? Четниците кон нас Хрватите и Хрватките во однос на овие беа Црвен крст уште од времето кога Црвениот крст им помагаше на сиромашните. И усташите кон Србите, Ромите и Евреите беа оној стариот Црвен крст, кога ќе се споредат со ѓаволите, кои овие денови ќе го „осиромашат“ и „збогатат“ и Иран – пишува Рудан во својата колумна.

Предизвикани од бура реакции на оваа тема, реагираа и од американската амбасада во Белград. Амбасадорот Кајл Скот изјави дека многу стручњаци заклучиле дека нема здравствена опасност во Србија или каде било во светот каде што е користена муниција со осиромашен ураниум и дека слично тврди и Светската здравствена организација и Програмата на Обединетите нации за заштита на животната средина.
– Подготвени сме да соработуваме во секое сериозно научно истражување за ова – рече Скот и додаде дека СЗО укажала дека осиромашениот ураниум не претставува сериозен здравствен ризик.
Амбасадорот на САД напоменува дека програмата на ОН за заштита на животната средина во 2001 година спровела истражување и заклучила дека местата со осиромашен ураниум не претставуваат сериозна опасност по здравјето.
– Неколку српски научници, епидемиолози и радиолози спроведоа независни истражувања, кои не пронајдоа докази дека осиромашениот ураниум предизвикува здравствени проблеми во Србија – наведе Скот.
Меѓународната агенција за нуклеарна енергија, вели тој, заклучила дека опасноста од консумирање храна и вода е исклучително мала, бидејќи ураниумот не е внесен во синџирот на исхраната.

Скот нагласил дека муниција со осиромашен ураниум е користена речиси исклучиво на Косово и во помала мера на подрачјето на Прешево и Бујановац. Тој оценил дека еднакво прифатливи објаснувања за зголеменото ниво на заболени од рак би можеле да бидат пронајдени во сѐ постарото население на Србија, во генетиката, во големиот број луѓе што пушат или на некој друг начин не се однесуваат здраво, а можеби и во големиот број нерегулирани отпади со опасни и канцерогени материи пронајдени во Србија.
Податоците што тој ги видел укажувале дека нивото на дијагностициран канцер во Србија е сразмерно на другите европски земји.
– Нивото на смртност од рак е истовремено многу повисоко, што укажува на доцното дијагностицирање или на други проблеми при лекувањето, вклучувајќи го и бавното прифаќање на иновативната медицина – изјавил Скот.
Сепак и покрај сѐ, факт е дека бројката на заболени од рак екстремно се покачува. Тоа силно ја загрижува јавноста. И тоа не само во Србија каде што, како што наведе амбасадорот на САД, „во генетиката, во големиот број луѓе што пушат или на некој друг начин не се однесуваат здраво“ заболуваат од рак, туку и на Косово, во Македонија, Хрватска, Црна Гора. Очигледно последиците се далекосежни и имаат потенцијал да влијаат на генерации деца и млади на овие простори, а причината и виновникот сѐ уште не се познати.


Трибина за превенција и рано откривање на ракот на кожата

Ако карциномот на кожата се открие навреме, третманот може да биде успешен. Може најлесно да се превенира, а неговата појава може да се спречи со менување на навиките и избегнување директна изложеност на сонце, порачуваат докторите. Годишно се регистрираат по двесте нови случаи.
Мај е месец за издигнување на јавната свест за заштита од ракот на кожата.
По тој повод, Министерство за здравство и Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија денес на Медицинскиот факултет организираат трибина на темата „Предизвиците во третманот на најчестиот карцином – ракот на кожата“, информира ресорниот министер Венко Филипче на својот ФБ-профил.