Премиерот на Словенија Марјан Шарец за вчера попладне закажа итна седница на словенечкиот совет за национална безбедност поради недозволено дејствување на хрватската агенција за разузнавање СОА. Поради ова амбасадорот на Хрватска во Љубљана бил повикан на разговор во словенечкото министерство за надворешни работи, а амбасадорката на Словенија била повлечена на консултации во Љубљана, објави агенцијата СТА.

Претходно, премиерот Шарец изрази загриженост од однесувањето на хрватската разузнавачка служба СОА дека ги прислушувала поранешниот словенечки арбитер во арбитражната постапка за приморската граница Јернеј Секолец и словенечката службеничка Симона Дреник за да го дискредитира арбитражниот процес. Приказната дополнително ескалира со тврдењата објавени на ПОП ТВ за тоа дека посредникот на хрватската влада Иван Тољ, се обидел да го спречи емитирањето на репортажата за прислушувањето.

Поради ова партијата Социјални демократи (СД), една од партиите во владејачката коалиција, побарала итна седница на словенечкиот совет за национална безбедност.

Телевизиската станица ПОП ТВ објави дека хрватската влада преку посредници се обидела да влијае на нивниот уредувачки колегиум за да не се објават информациите за прислушувањето поврзани со арбитражниот процес. Од телевизијата додаваат дека имаат докази за тоа како полициските служби на Хрватска прислушувајќи ги словенечки новинари дознале дека се подготвува прилог за оваа шпионска афера.

Во образложението за одржување итна седница од партијата Социјални демократи навеле дека „хрватската политика со незаконски и неморални потези ја загрозила меѓусебната доверба, и ги предала заедничките европски и цивилизациски вредности“.