Жителите на Агеда не сакаат многу да зборуваат откако нивното село, основано од Франциско Франко во 1954 година, се најде во центарот на вниманието на шпанската јавност. Причина за тоа е што нивниот градоначалник Герман Флориндо му понуди на семејството на починатиот шпански диктатор селото Агеда да ги преземе неговите останки.

Жителите на Агеда се поделени во однос на идејата да ги примат останките на основачот. Од оние што се решаваат да проговорат, едни велат дека тоа е луда и невозможна идеја, а другите сметаат дека со неа може да се развие туризмот во селото. И самиот градоначалник вели дека не знае како ќе се спроведе идејата, но е сигурен дека ќе се зголеми бројот на туристички посети во Агеда.

Инаку, шпанскиот парламент неодамна усвои закон со цел правно да ги заштити плановите на социјалистичката влада за да ги отстрани останките на поранешниот диктатор Франциско Франко од џиновскиот споменик „Долина на паднатите“ во близина на Мадрид. Потегот на премиерот Педро Санчез ќе ја исполни долгогодишната амбиција на шпанската левица да го трансформира споменикот во место во чест на Граѓанската војна наместо на диктатурата.

Генералот Франко владееше автократски со Шпанија од крајот на Граѓанската војна (1936 -1939 г.) до неговата смрт во 1975 година, кога беше погребан во базиликата изградена во гранитна планина што се наоѓа на 50 километри северно од шпанската метропола Мадрид.

Изградена меѓу 1941 и 1959 година во чест на жртвите на Граѓанската војна, во „Долина на паднатите“ почиваат над 30.000 војници од двете страни на конфликтот. Но многумина гледаат со омраза на споменикот, бидејќи сметаат дека се слави победа на фашизмот, додека републиканските затвореници беа принудени да помогнат во изградбата.
Владата исто така има за цел да формира комисија за утврдување на вистината и да ги идентификува 114.000 жртви од Граѓанската војна (1936 – 1939 г.) и диктатурата на Франко.

Владеењето на Франко сè уште ја прогонува Шпанија. Во обидот да се олесни транзицијата кон демократија во 1977 година по смртта на диктаторот, државата усвои закон за амнестија со кој беа простени политичките злосторства направени во текот на конфликтот и за време на диктатурата според спогодбата позната како „Пакт на заборавот“.
Шпанија е втора земја во светот по бројот на масовни гробници зад Камбоџа.