Шпанскиот парламент вчера му изгласа недоверба на премиерот Маријано Рахој и тој е заменет со лидерот на социјалистите Педро Санчез. За негова смена гласаа 180 пратеници, додека 169 беа против. Санчез ќе ја преземе функцијата в понеделник и ќе именува свој кабинет наредната недела.
Рахој изјави во парламентот дека е горд на тоа што го направил како премиер.
– Чест ми е да ја оставам Шпанија подобра отколку што ја добив. Им благодарам на Шпанците и среќно – рече Рахој пред гласањето доверба.
Лидерот на конзервативната Народна партија е прв премиер во модерната шпанска историја што бил отстранет од функцијата откако му е изгласана недоверба. Тој ја предводеше шпанската влада од 2011 година, а изминатиот период беше вовлечен во голем корупциски скандал, за кој минатата недела еден од неговите бивши соработници доби 33-годишна затворска казна.

Во меѓувреме, Италија доби нов премиер откако професорот по право Џузепе Конте се согласи да ја предводи новата коалициска влада, формирана од антиимигрантската десничарска партија Лига и антисистемското Движење пет ѕвезди, кои освоија најмногу гласови на изборите на 4 март. Претседателот на Италија, Серџо Матарела, завчеравечер му го додели мандатот за формирање влада на Конте и тој го прифатил, пренесе Би-би-си.
Претходните обиди за формирање технократска влада не успеаја, а претседателот го одби првиот евроскептичен кандидат за министер за економија, по што следуваа закани за импичмент. За разлика од него, новиот кандидат за министер за економија Џовани Триа е за зачувување на еврото во Италија. На крајот, популистичките партии одлучија да се откажат од првичниот избор за министер за економија и да го прифатат ветото на претседателот, со што барем засега е избегната политичка и уставна криза. Италија од крајот на Втората светска војна ја предводеа дури 64 влади.