Покрај титулите во Светскиот скијачки куп сезонава, Американката и Австриецот поставија и нови рекорди според заработката од настапите во трките

Американката Микаела Шифрин и Австриецот Марсел Хиршер не само што ги освоија големите кристални глобуси за најдобри во скијачката сезона во Светскиот куп (СК), туку поставија и нови рекорди според заработката од настапите во трките за СК. И во двете конкуренции тие победија убедливо.

Шифрин за само 977,88 франци го надмина досегашниот рекорд во премии од СК на Словенката Тина Мазе од 2013 година. Според податоците на Интернационалната скијачка федерација (ФИС) Шифрин заработила точно 702.774,88 франци за пласманите во трките сезонава.

Но кога Мазе го постави досегашниот рекорд во премии, наградите од трките беа помали (на пример, најчесто сезонава се добиваа по 45.000 франци за победа, наспроти наградите за прво место од во најголемиот број случаи по 35.000 за триумф во сезоната кога Мазе беше убедливо најдобра скијачка). Во таа сезона Мазе беше доминантна и освои рекорден број поени, 2.414 (Шифрин сезонава 1.773 поени).
Американката сезонава освои повеќе пари отколку следните две на таа листа (Венди Холденер од Швајцарија од трките заработи 273.794 франци, а Линдзи Вон од САД доби 264.430 франци).

Хиршер, пак, според податоците на ФИС, го собори сопствениот рекорд во премии од една сезона, со 669.681 франци. Неговиот претходен рекорд беше од сезоната 2015/2016 со тогаш заработени 549.970 франци од успесите во трките за СК. И Австриецот сезонава освои повеќе пари отколку следните две на таа листа (Хенрик Кристоферсен од Норвешка заработи 345.071 франк, а Беат Фојц од Швајцарија 260.875 франци).

Откако ФИС ја води статистиката, од 2012 година, од кога Хиршер доминира во Светскиот куп (седум титули едноподруго во генералниот пласман), тој е постојано прв и на оваа парична листа, со досега заработени над 3,57 милиони франци од награди за пласманите во трките за Светскиот куп.