Мојата крајна амбиција е да стигнам до турнирот на кандидатите за светски првак, ни изјави Шариќ

Го сакам и Фишеровиот шах, но повеќе сум за класичниот. Тешко ми е да споредам дали со воведувањето на компјутерите денес е потешко да се игра, оти јас ја почнав шаховската кариера кога компјутерите веќе беа во употреба. Но шахот е далеку од тоа дека е исцрпен, во него има уште многу идеи, ни изјави Иван Шариќ, актуелниот европски првак, кој настапува на Европското првенство што се игра во Скопје.
Никому досега не му успеало да ја одбрани европската титула.

– Па, тешко е да се оствари и едното и другото. Треба да се биде во извонредна форма, а тоа значи да се победи во 6-7 партии, а другите да се ремизираат. Вкупно, мојата крајна амбиција во играта на 64-те полиња е да стигнам до турнирот на кандидатите за светски првак, иако во моментов уште сум далеку од тоа. Но амбициите, сепак, постојат. Шахот го засакав како мал, го научив кога имав пет години, благодарение на мојот татко. Потоа се зачленив во клуб, па амбициите почнаа да растат, следуваа патувања и сето тоа резултира професионално да почнам да се занимавам со шах. Не знам до кога би играл активно, но сигурно знам дека и потоа ќе биде нешто поврзано со шаховската игра, како на пример тренер или слично… – вели Шариќ, кој се чувствува убаво во Скопје, а му се допаѓаат и овдешната храна и вино.
Шариќ и Веселин Топалов од Бугарија се единствените на Балканот со рејтинг над 2.700 поени.

– Не е лесно да се има рејтинг над 2.700 поени, ако знаеш дека во светот има околу четириесетина шахисти со таков рејтинг. Тука се традиционално најприсутни Русите, потоа Кинезите, Индијците, Американците, но има и држави со по 1-2 шахисти со таков висок рејтинг – вели тој.

Шариќ е роден во 1990 година. Тој е европски сениорски првак од 2018 година, најмлад хрватски велемајстор (2008) на 18 години и прв Хрват што во ноември лани ја поминал границата од 2.700 рејтинг-поени, а на Шаховската олимпијада во 2014 година го победил и Магнус Карлсен, актуелниот светски првак. 


Нокаут-систем на турнирите

Што би менувале во шахот ако сте претседател на ФИДЕ?
– Би вовел нов систем на натпреварување на турнирите, на пример како во тенисот. Сметам дека сега непотребно многу се форсира швајцарскиот систем на игра. За мене предолги се овие турнири, кои патем максимално исцрпуваат, па можеби е подобро да се намалат на девет кола. Времето за размислување е добро и тука не би менувал ништо – вели Иван Шариќ.