Фудбалерите на Манчестер Сити ја слават титулата

На победничкиот, супериорен пат до освојувањето на титулата и на две кола до крајот (натпревари со Брајтон и со Саутемптон), Манчестер сити собори и постави неколку рекорди

Манчестер сити не успеа да го совлада Хадерсфилд (0-0) на стадионот „Етихад“ во 36-та првенствена премиерлигашка рунда, но и тоа не ја помати радоста на фудбалерите, на стручниот штаб и на многубројните навивачи официјално да ја прослават третата шампионска титула во последните седум сезони (2012, 2014 и 2018-та), вкупно петта во клупската историја (1937 и 1968). Четворица фудбалери, Венсан Компани, Давид Силва, Серхио Агуеро и Јаја Туре, можат да се пофалат дека имаат удел во освојувањето на трите шампионски трофеи. Фудбалерите на Сити, покрај победничкиот пехар, по мечот на раце го кренаа и менаџерот Пеп Гвардиола, за кого ова беше седма шампионска титула во последните девет сезони (претходно како тренер на Барселона, од 2009 до 2012, и на Баерн, од 2014 до 2016 година). – Англија е посебно место и многу е тешко да се освои титулата во Премиер-лигата. Никогаш не знаеш дали ќе победиш, но јас не се сомневав во тоа што треба да го сторам. Било да победиш или загубиш, треба да се обидуваш да го правиш она во што веруваш.

Во дуелот со Хадерсфилд не бевме доволно фокусирани и мотивирани, но тоа е нормално. Ќе биде многу тешко да се одбрани титулата следната сезона, но ние го прифаќаме предизвикот – изјави Гвардиола, кој е првиот што четири месеци по ред (од септември до декември 2017-та) беше прогласуван за најдобар менаџер во Премиер-лигата. Мечот без голови со Хадерсфилд беше само 25-ти на вкупно 519 натпревари во тренерско-менаџерската кариера на Гвардиола, во Барселона, Баерн и во Сити. За неговите избраници ова беше трет меч на кој немаат постигнато гол – претходно тоа им се случи на натпреварите против Стоук и против Манчестер јунајтед, лани во март и во април. На победничкиот, супериорен пат до освојувањето на титулата и на две кола до крајот (натпревари со Брајтон и со Саутемптон), Сити собори и постави неколку рекорди. Сити стана рекордер со 18-те победи во низа (од септември до декември 2017-та) и со сегашните 30 триумфи се израмни со Челси од ланската 2016/2017 сезона. „Граѓаните“ им се придружија на Манчестер јунајтед (1907/1908 и 2000/2001) и на Евертон (1984/1985) со освојувањето на титулата на пет кола до крајот. На 36-те првенствени натпревари Сити доживеа само два пораза (од Ливерпул, 3-4, и од Манчестер јунајтед, 2-3) и досега освои 94 поени, еден помалку од рекордните 95 на Челси од 2004-2005.

Сите веќе постигна 102 гола, еден помалку од рекордните 103 на Челси од сезоната 2009/2010. Над 100 гола имаат дадено Сити (102) и Ливерпул (101) во сезоната 2003/2014. На две кола до крајот Сити има предност од 17 бода зад градскиот ривал Јунајтед, кој е рекордер во оваа категорија со освојувањето на шампионската титула во 1999/2000 со 91 бод, 18 повеќе од Арсенал. Манчестер сити е на најдобар пат да ја заврши сезоната со најдобра гол-разлика (моментно102-26), плус 76, што е подобро од остварувањето на Челси во сезоната 2009/2010 (103-32), или плус 71 гол.