На силниот турнир во Азербејџан Манус Карлсен го освои првото место, додека Фабијано Каруана на првенството на САД заврши втор

Актуелниот 16-ти светски првак во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, и претендентот за таа титула, Американецот Фабијано Каруана, кои во ноември во Лондон треба да играат меч за светската круна, имаа различно oстварувaње на два неодамна завршени турнира. Карлсен на силниот 5-ти меморијал „Вугар Гашимов“ во Азербејџан (21. категорија, просечен рејтинг на шахистите од 2.768 поени), третпат триумфира, додека Каруана на првенството на САД во Сент Луис, заврши како втор и со тоа не успеа да го повтори успехот од 2016 година кога првпат ја освои титулата.
Карлсен (2.834 рејтинг-поени) во градот Шамкир триумфира со шест поени од девет можни (три победи и шест ремија), пред Кинезот и член на Алкалоид, Лирен Динг (2.778) со 5,5 и Русинот Сергеј Карјакин (2.778) со 5 поени. Понатаму следуваат: Раџабов, Мамеѓаров, Војташек и Гири, сите со по 4,5 поени, Мамедов и Топалов со по четири и Навара со 2,5.

– Мислам дека на турнирот не одиграв партија што ќе влезе како дел од колекцијата на моите најдобри игри, но сметам дека против Аниш Гири имаше убава борба на таблата – нагласи Карлсен по триумфот, истакнувајќи дека сѐ уште не размислува да почне со посебни подготовки за мечот со Каруана.
За Карлсен, покрај наградата од 30.000 евра, ова беше и втор победнички турнир годинава, а 30-ти супертурнир на кој е прв, остана непоразен и по 32 партии, а заработи и нови 4 рејтинг-поени. На најновата мајска рејтинг-листа Карлсен и понатаму е прв со 2.843 поени, додека Каруана скокна од третото на второто место (2.818), заостанувајќи зад Карлсен 25 поени.
И двајцата во мај и во јуни се очекува да играат на ист турнир во Норвешка, има најави дека Карлсен ќе игра и во јули на силен турнир, а Каруана во септември пак ќе го предводи тимот на САД на Шаховската олимпијада, за одбрана на златото од 2016 година.

По малку изненадувачки, пак, нов, 62-ри по ред шампион на САД стана Самуел Шанкленд (26), кој во конкуренција на 12 шахисти освои 8,5 поени (три победи и пет ремија), наградата од 50.000 долари и првпат имаше рејтинг над 2.700 поени. Каруана (2.804) го освои второто место со 5,5 поени (две победи, седум ремија, и еден пораз), трет е ланскиот првак Весли Со (2.796) со 6,5, а четврти е победникот од 2015 година, Хикару Накамура (2.787), со 5,5 поени.
– Ова е резултат над моите соништа. Никогаш не помислив дека имам шанси да победам на турнирот. Ќе биде неверојатно да се наречам шампион на САД – задоволно нагласи Шaнкленд.