На средината на дваесеттите години на минатиот век чикашките џезери почнале да се селат во Њујорк, па Њујорк станал мека на џезот и база од која изникнале сите нови џез-стилови. Најпрвин Педесет и втората улица била епицентарот на џез-сцената, но кога во 1949 година на Бродвеј се отворил џез-клубот „Брдленд“, започнала нова ера во њујоршкиот џез.

Во „Брдленд“ љубителите на џезот купувале билет од долар и половина за да уживаат во омилената музика. Во првите пет години 1.400.000 луѓе си обезбедиле влез во најпрестижниот клуб. Ако се знае дека таму настапувале Дизи Гилеспи, Телониус Монк, Мајлс Дејвис, Чарли Паркер, Стен Гец и многу други, јасно е зошто сите сакале да одат токму таму. И никаде на друго место.

Чарли Паркер (1920-1955) бил главната ѕвезда во овој клуб, неговите настапи секогаш биле дочекувани со воодушевување и секогаш однапред распродадени. Глетката на (пре)полн клуб секогаш го дочекувала кога ќе излезел на сцената. Меѓутоа, една саботна ноќ во 1951 година, една маса десно од сцената, сосема невообичаено за „Брдленд“, била празна. Кога малку подоцна околу неа седнале четворица мажи и една жена, возбуден шепот го преплавил клубот. Еден од „новите“ гости бил Игор Стравински (1882-1971), омилениот класичар на џезерите. Колку што во почетокот неговата музика била на удар на академската критика, толку џез-музичарите веднаш ја прифатиле и ја прегрнале како своја. Кога Чарли Паркер го видел Стравински, добил натчовечка инспирација и свирел како никогаш претходно – егзалтирано, во фуриозно темпо, сакал да го плени големиот композитор. И го пленил.

Особено кога во својата музика ја вметнал воведната тема на „Жар птица“ на Стравински… ја отсвирел нестварно лесно и ја вклопил чудесно – како природно да припаѓа таму, како отсекогаш да била дел од неа. Стравински се воодушевил, со восхит аплаудирал на извонредноста на Чарли Паркер и на честа што му ја укажал во таа (за обајцата великани) чудесна ноќ.

Лада Шоптрајанова Петровска