Таа ќе тежи само 14 грама и ќе нуди можност за следење на растојанието меѓу играчите, времето поминато во игра, брзината на трчање, висината на скок-шутовите и брзината на голманските реакции

Маркетинг-тимот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) и германската компанија за следење и анализа „Кинексон“ ги здружија силите за да направат нов чекор во собирањето податоци и анализи во ракометот.

Имено, на претстојниот фајналфор-турнир во Лигата на шампионите (ЛШ) во германскиот град Келн, ЕХФ и „Кинексон“ ќе понудат технологија за следење играчи, со што ќе се подобри севкупната колекција на податоци за натпреварите и со тоа ќе се обезбедат поопсежни согледувања во играта.

Технологијата за следење на играчите ќе се надоврзе на „селект – интелигентната топка“, која својата промоција ја имаше на минатогодишниот завршен турнир во Келн.

За време на четирите натпревари од фајналфорот, ракометарите на Барселона, Вардар, Киелце и на Веспрем на дресовите ќе имаат вградено сензори за следење на движењата. Чип-технологијата, која ќе се наоѓа на задната страна на дресот, меѓу плешките, и ќе тежи само 14 грама, ќе нуди можност за следење на растојанието меѓу играчите, времето поминато во игра, брзината на трчање, висината на скок-шутовите и брзината на голманските реакции. Чиповите на дресовите ќе бидат во безжична врска со сензори поставени околу теренот и во реално време ќе ги испраќаат податоците до централната база, која, пак, исто така во реално време ќе ги емитува на екран.

Од друга страна, пак, „селект – интелигентната топката“ ќе нуди информации за брзината на шутот, позицијата на ударот и нејзиното поминување преку гол-линијата.
Сите овие параметри ќе бидат достапни на монитори за гледачите во арената „Ланксес“ и за тие пред малите екрани.

Детален извештај од собраните податоци на натпреварите ќе им биде доставен на тимовите, давајќи им можност да ги имаат сите информации за ефикасноста на тимот и играчот.