Ресторанот „Вардар“ во гратчето Литлхамптон наедно е најстар македонски ресторан во континуитет надвор од границите на нашата татковина Македонија

Во гратчето Литлхамптон во Сасекс беше одбележан несекојдневен јубилеј – 40 години на ресторанот „Вардар“, кој наедно е најстар македонски ресторан во континуитет надвор од границите на нашата татковина Македонија.

Статистиката дава податоци дека 60 отсто од рестораните не ја преживуваат првата година, додека пак 80 отсто не успеваат да опстанат подолго од пет години.
За чудење е како „Вардар“ опстанал цели 40 години во средина во која никој не разбира што значи ова „чудно“ име, кое тешко може да се прочита, а уште помалку да се изговори, и навистина е енигма за гастрономите и можеби предизвик за нова научна студија. Но сопствениците Петре и Лорета Стојановски имаат едноставен одговор за тајната на нивниот успех: „Посветеност и љубов кон професијата, искреност и подготвеност да се исполнат желбите на гостите“. Тие со задоволство се потсетуваат на нивниот тежок и неизвесен почеток во далечната 1979 година, како се одлучиле да ја афирмираат македонската традиционална кујна преку името на нашата најдолга река, која претставува културен, традициски и духовен симбол на сите радости и страдања на Македонците во својата историја.

Ниту локалниот печат во Литлхамптон не оставил ништо на случајноста, па често на неговите страници се пишува за активностите на овие наши Македонци!?
Присуството на градоначалничката Трејси Бејкер по повод 40-годишниот јубилеј во друштво со заменик-градоначалникот Дејвид Чејс и претседателот на општинскиот совет д-р Џејмс Велш е потврда за честа што ја уживаат брачната двојка Стојановски и за нејзиниот придонес во општествениот живот во Литлхамптон.

По референдумот за независност на Македонија, во 1991 година во ресторанот „Вардар“ се одржани голем број состаноци на Македонците од културен и религиозен карактер и токму тука е формирана и Македонската асоцијација во Обединетото Кралство, како и две црковни општини. Во Литлхамптон денес живеат околу 150 Македонци обединети во црковната општина „Св. вмч. Георгиј“, основана од Петар и Лорета Стојановски пред две децении.

Георги Гоце Дуртаноски