Чествување

Се прашувам, што би рекол Гоце Делчев за парадата на македонската војска во Софија два дена по неговата смрт (и сто и петнаесет години потоа).
На идејата за заедничко чествување на историјата? За збратимувањето на војничките чизми? За стремежот да се маршира во туѓа земја без нејзина покана, по покана од една воена алијанса?

На предупредувањето на Орвел дека најефикасен начин да се уништи еден народ е да се избрише неговото сопствено разбирање (и сеќавање) на неговата историја? Сеќавањето на учеството под принуда и сопственото распарчување. Сеќавањето на „Пиреј“ на Петре Андреевски и страдањата на Јон и на Велика, одбрани да ја изодат македонската голгота во романот и на историската сцена за време на Првата светска војна. Сеќавањето на безумното повторување на историјата и покрај колективното помнење.

Но она што се помни колективно, не е сеќавање, туку договор.
Сузан Сонтаг таквото сеќавање го сместува во семејството на лажни поими каква што е и колективната вина. Всушност, не постои колективно сеќавање, ниту колективна вина. Колективно се договараме што ќе помниме и чествуваме, колективно сме подучувани што да запомниме од она што лично не сме го доживеале, она што се случило пред воопшто да имаме што да помниме.
Сеќавањето и вината од друга страна, се неприкосновено индивидуални. Живи колку што се живи синапсите и совеста во човекот, а сепак лажливи – едното подложно на промени со истекот на времето, а другото преку постојано (само)преиспитување – онаму кај што нив ги има.

Двајца, на еден ист настан или искуство, на почетокот ќе имаат повеќе или помалку слично сеќавање. Со текот на времето нивното сеќавање за она што се случило/искусило ќе се менува, не само поради неизбежноста на стареењето и временската дистанца, туку и поради низа индивидуални одредници и перцепции кон содржината на сеќавањето, кон она што е пожелно или тревожно, убаво или неубаво за секој од нив одделно.
Сосема е прифатливо индивидуално да се сеќаваме на различен начин на едно исто нешто. Друг е напорот колективно да се „сеќаваме“ на различни нешта на ист начин. И опасно.

Можеби најдобро е заеднички да се чествува единствено сегашноста. Особено кога минатото е историја на насилно обесчестување. Не е нужно историските разделници да се заменуваат со сврзници. Напротив, штетно е. Тие ги носат предупредувањето и нужноста од едно поинакво идно поврзување, културно. Тие се страшила на вратата на мракот и треба да останат таму, да (нé) одвратат од повторувањето на историјата што обесчестува. Дали ќе изградиме иднина кога ќе можеме минатото заеднички да го чествуваме, зависи исклучиво од тоа како ја чествуваме сегашноста, и како ја вардиме честа. Без неа, без честа, не може да има ништо друго освен историја на (само)обесчестеност. А тоа не е историја со иднина.

Се прашувам понатаму (бидејќи и прашувањето е нешто неприкосновено индивидуално), што би чувствувал Гоце Делчев да ги види македонските и бугарските планинари како заедно ги искачуваат еднаш македонските, а другпат бугарските планини, а всушност – сечии и ничии. Какви чизми би облекол за таа пригода, војнички или планинарски? Што би решил да набере – туѓи гревови по белиот свет (кој станува сѐ посив за гледање) или мајчина душичка што ја разгалува душата?
А планинарите се убави луѓе, насекаде. И во Македонија и во Бугарија. А најубави се на граница, кога си прават своја држава на камен-трпеза. Да се биде граѓанин на таа држава има само еден услов: да се биде човек. Кон сите. Ерга омнес. Оти човек е човек во однос на другите, како и еден народ. Поинаку едноставно не може.
А кога човек е во природа и природата е во него. Непознатиот набрзо станува близок, а „другите“ стануваат „свои“. Другоста станува позната, а своето се меша со другоста и дели. Само така се умножува. Се воспоставува нарушената блискост меѓу човек и човек, меѓу човек и природа, на човек со себеси. Се отуѓува само отуѓеноста. И Маркс на чудесен начин станува „лесен“ за разбирање.

Маркс се роди пред два дена (и двесте години). Преку колективното сеќавање неговото дело доживеа чествување и обесчестување. Веројатно и премногу, а сепак недоволно. Особено неговата теорија за отуѓувањето, на производот од трудот, на самиот труд, на човекот од човек, на самоотуѓувањето, на отуѓувањето воопшто. Феномен што ги инспирира филозофијата и книжевноста на дваесеттиот век. Критичарот чија критика е пожива од кога и да е, зашто за Маркс проблемот на капиталот не беше/е во неговата неможност да ги реши материјалните потреби на човекот, напротив, истите тие ги проблематизира со прекумерното задоволување, на кое сме сведоци и денес. Чествувањето на празникот на трудот и оваа година го потврди тоа. Проблемот е, меѓутоа, во неможноста да ги реши човечките потреби на човекот. Потребата од трудот како извор на задоволство и идентитет, потребата од другиот, но не како средство за исполнување на сопствените материјални потреби и потребата од природата како неодовив дел од човечката суштина. Потреби за кои не сме биле никогаш погладни.
По денот на загинувањето на Гоце Делчев и роденденот на Карл Маркс, во Скопје се одржа и четиринаесеттиот Скопски маратон.
Мислам дека на Гоце ќе му се допаднеше таа мала армија борци на духот, што разоружуваат со позитивна енергија. Ќе му се допаднеа и идејата за трката на хуманост и мешавината од култури што учествуваат во неа. Се прашувам, која трка ќе ја одбереше, рекреативната или маратонот или, пак, нешто помеѓу. Или ќе речеше дека „труд и постојамство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива“? Можеби ќе потсетеше дека треба да се размислува на долги патеки, маратонски и дека нема пошироко поле за работа од она во Македонија, мислејќи можеби на необработеното, но и на полето што се протега во нас и кај пирејот кани да владее.
За мене, пак, само на овој ден триумфалната порта добива смисла. И улиците заличуваат на денот на своето ослободување. А тркачите на ослободители. Накратко, човек е истовремено ослободител и ослободен. Сам на себеси. Со другите. Доволно убава причина за чествување.

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)