Насловот на оваа музичка приказна можеби изгледа чудно и збунувачки, но не е случаен. Има една нишка што ги поврзува Чарли Чаплин и трите прасиња – Унгарскиот танц бр. 5 на Брамс.
Танцот е дел од циклусот минијатури на унгарски теми од Јоханес Брамс (1883-1897), комплетиран во 1869 година. Содржи 21 танц, долги од една до четири минути, и отпрвин е напишан за пијано четирирачно. Инспирацијата за него Брамс ја црпел од ромската изворна музика, многу привлечна за слушање и исклучително популарна низ Унгарија. Веднаш по првичното објавување „Унгарските танци“ забележале молскавичен успех. Понесен од возбудата, Брамс ги преработил за соло-пијано, па потоа за оркестар, па за разни камерни ансамбли. Дел од нив преаранжирал тогаш младиот композитор во подем Антонин Дворжак. Нивната популарност не стивнува, па и денешните композитори и аранжери во нив наоѓаат материјал податен за нови обработки и преработки.

Танцот бр. 5 е најсјајната ѕвезда во овој циклус. Напишан е по урнек на чардашот „Бартфаи емлек“ од Унгарецот Бела Келер. Брамс мислел дека чардашот е традиционална фолклорна мелодија, но како и да е, танцот постигнал многу поголема популарност од оригиналниот чардаш. Оркестарскиот аранжман (верзијата што сите ние најдобро ја познаваме) е на Мартин Шмелинг.
Кога беа мали, моите деца многу ја сакаа приказната „Трите прасиња“. Цртаниот филм на Варнер Брос, направен според оваа приказна, им беше еден од омилените. Во него е вградена музиката на Брамс – 5, 6, 7 и 17 унгарски танц. И ден-денес кога ќе го слушнат петтиот, со детска радост играат во стилот на трите прасиња.
И мене, како дете, првата „средба“ со Брамс ми беше преку Унгарскиот танц бр. 5, во филмот „Големиот диктатор“. Во една сцена во берберницата, Чарли Чаплин на маестрална кореографија танцува и го бричи својот муштерија. До дел од секунда ги усогласува своите движења со музиката на Брамс. Врвно и безвременски.

Лада Шоптрајанова Петровска